Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој од вчера официјално влегува во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.

„Покрај другото законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение, се прецизираат одредбите и модел-договорите кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за ефикасно осветлување така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации каде меѓу другото опфатени се и реконструкции на згради,“ истакна министерот Бектеши по потпишување на договори за јавно-приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување помеѓу општините Македонска Каменица и Чешиново Облешево како корисници и ЕСКО компанијата „Македонски Телеком“.

Во втората фаза од спроведување, Проектот ќе биде проширен со ЕСКО проекти за поставување енергетски-ефикасно централно греење во јавните згради во општините.

Координаторот на проектот Здравко Стефковски истакна дека ЕСКО компаниите ја носат целокупната инвестиција на високо квалитетна ЛЕД-технологија за улично осветлување додека крајниот корисник, во овој случај општините, финансиски не учествуваат.

„Крајниот корисник општината ја враќа инвестицијата на ЕСКО компанијата исклучиво преку заштедата на енергија. Во тендерската постапка, општината ја избира онаа ЕСКО компанија која има уредна документација според тендерската документација и ќе понуди најголемата нето финансиска добивка за општината. Времето на враќање на инвестицијата  изнесува во просек шест години, а понудениот животен век на светилките е 100.000 работни часа. За времетраење на договорот целокупното одржување на опремата која е предмет на договорот потпаѓа под ЕСКО компанијата. По завршување на договорот, целокупната заштеда на енергија и опремата остануваат на крајниот корисник т.е. општината. Ако се земе во предвид дека системот за улично осветлување во просек работи 4.200 работни часа/годишно, во тој случај светилките би требало да работат околу 23 години,“ потенцираше Стефановски.