Доделувањето на концесија за отворање на рудник, освен од надлежните институции, најдиректно зависи од позитивното мислење дадено од општината каде се наоѓа, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши на доделувањето на признанијата на најуспешни рудари во Македонија.

Тој посочи дека во земјава има активни повеќе од 120 рудници и дека рударството претставува база за развој на индустријата во државата.

„Ова е важен стопански сектор, што заедно со придружните, брои повеќе од 10.000 вработени. Индустриското производство во секторот рударство во јуни, во однос на истиот месец лани бележи пораст од 7,5 проценти, а прометот за истиот период, пораст од 1,2 отсто. Затоа овој сектор се смета за еден од водечките сектори од индустриското производство и е од големо значење за македонската економија“, изјави Бектеши.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов рече дека добро е што во Македонија се буди еколошката свест, но потенцираше дека во рударството работат околу 13.000 луѓе и луѓето да внимаваат кога за рудниците даваат квалификации како „рудници на смртта“.