Mинистерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе се сретна со косовскиот колега Бајрам Хасани за повлекување на царините за земјоделските производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада.

„Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на договорот ЦЕФТА и принципите на слободна трговија“, вели Бектеши.

Царина од Косово се уште важи за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.Владата се уште дава можност за преговорите да успеат и не воведува контрамерки за косовските производи.

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово.