Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Во декември лани, министерот за економија Крешник Бектеши вети дека до 20 јануари, ќе почне да функционира Комисијата што ќе одлучува за судбината на Попова Шапка. Денеска од Министерството за економија го одложија ветувањето за еден месец, односно за „Порталб.мк“ оттаму посочија дека Комисијата ќе почне да функционира пред 20 февруари. Од иницијативата „Да ја ​​спасиме Попова Шапка“ уште не добиле никаква покана, пишува Порталб.мк.

„Според предвидената динамика, првиот состанок на комисијата е предвиден да се одржи најдоцна на 20 февруари 2021 година“, велат од Министерството за економија, за Порталб.мк.

Од ова министерство, не даваат детали за конкретните имиња на членовите на оваа комисија, меѓутоа, истакнаа дека ќе има членови од сите институции и дека предлозите на комисијата ќе се пратат до Владата на РСМ.

„Предлозите за членови на комисијата, од сите институции, се пристигнати во Министерството за економија. Комисијата ќе има должност да ја следи состојбата со туристичкиот центар Попова Шапка (економските, туристичките и еколошките аспекти и други) и до Министерството за економија и Владата на РСМ да даде предлози за нивно решавање“, велат од Министерството за економија.

Потсетуваме дека на 23 декември министерот Бектеши беше многу сигурен и вети дека оваа комисија ќе започне да функционира до 20 јануари.

„Комисијата сигурно ќе се формира пред 20 јануари, ќе ве повикаме и вас и иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ за да го дадете вашиот придонес“, рече министерот Бектеши во емисијата „Уметност на финансиите“ на ТВ Клан  M, на 23 декември.

Тогаш, претставникот на „Да ја спасиме Попова Шапка“, Хамди Сулемани неколку пати го праша министерот дали е сигурен дека оваа комисија ќе биде функционална на овој датум, бидејќи во спротивно, како што Сулемани беше скептичен, „ќе одиме со камери пред Министерството за економија“.

Кои ќе бидат надлежностите на оваа комисија?

Станува збор за комисија која ќе даде предлози за судбината на Попова Шапка, соодветно, за тоа како ќе функционира овој зимско-рекреативен центар, дали ќе се продава во целина или делумно, за составување документација и критериуми за приватниот партнер и низа други надлежности во врска со туристичкиот центар „Попова Шапка“.

Комисијата ќе биде составена од сите засегнати страни, вклучително и: претставници од Министерството за економија, Општина Тетово, невладини организации и други.

Една од главните надлежности на оваа комисија ќе биде составување на тендерската документација и разните критериуми поврзани со целосна или делумна продажба на туристичкиот центар „Попова Шапка“.

Според Заев, најдобро решение би било јавно-приватно партнерство

Премиерот Зоран Заев за Порталб.мк откри некои од земјите кои во моментов се заинтересирани за целосно или делумно купување на „Попова Шапка“.

„Тоа се сериозни инвеститори од Катар, Австрија, Италија и Швајцарија“, рече тој. Во меѓувреме, според него, најдобро е државата да не се откаже целосно од овој туристички центар.

„Физибилити студијата ни дава за право да одиме со јавно приватно партнерство, но и со целосна приватизација. Јас би оставил државата да биде партнер. Во првите обиди се обидуваме да одиме со јавно-приватно партнерство и гледаме дека постои интерес, досега десет големи европски компании изразија интерес, и ова ни дава за право да продолжиме со јавно-приватно партнерство. Бидејќи трајната вредност останува за државата, ние не вложуваме државни пари додека придобивките се сериозни“, рече Заев на 29 јануари.

За истиот модел се и од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, а тие неколкупати се имаат изјаснето против целосна приватизација на овој туристички центар. Сепак, за нив е важно изборот на приватен партнер да биде транспарентен.

„Нашата позиција е јасна и концизна: Идниот инвеститор мора да биде сериозен и да има најмалку 20 години искуство и позитивна референца во управување со други слични центри каде покажал успех и туристички и економски развој на таа земја. Во ниту еден момент нема да дозволиме Попова Шапка да стане игра на политичко договарање меѓу политичките партии и нема да дозволиме инсталирање на нов „ЕЛЕМ“ што ќе продолжи со понатамошно уништување на овој туристички центар. Затоа, ќе побараме од надлежните органи да ги објават сите детали за услови и начинот на договарање што треба да се постигне со новата компанија што ќе го добие договорот, за да можеме да ги следиме сите активности, а да се спречи инсталирање на нов уништувач на Попова Шапка“, рече Арменд Лута од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Инаку, од Владата на РСМ, за Порталб.мк, ветија дека во текот на оваа година ќе биде објавен повикот за целосна или делумна приватизација на туристичкиот центар „Попова Шапка“, и ова е предвидено како најдобар начин за развој на Попова Шапка.