Сите трговци од денеска се должни да обезбедат радарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата и да се обезбеди спроведување на дезинфекција на раце при влез во објектот, информираше министерот за економија Крешник Бектеши презентирајќи ја Уредбата која беше донесена на владина седница.

Тој додаде дека трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум растојание од два метри за чекање во ред на лицата пред и во објектот, и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

„Согласно моите сознанија, некои веќе почнале да го имплементираат ова. Но имајќи предвид дека се очекува и пикот на ширење на вирусот, мислевме дека треба да донесеме Уредба со законска сила со која, за сите кои даваат услуги ќе има контрола од Државен пазарен инспекторат. Истовреме, граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат на 191,“ изјави Бектеши.

Доколку не ја почитуваат оваа Уредба, за малите и микро трговци е предвидена глоба од 500 до 1 000 евра, додека за средните и големите казната изнесува од 1.000 до 2.000 евра.