fbpx

Бектеши и „Макпетрол“ велат дека нема прекин во снабдувањето со гас во земјава

-

Снабдувањето на Северна Македонија со руски гас преку „Гаспром“ не е прекинато, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, по прекинот на снабдување со гас на Бугарија. Бектеши на прес-конференција потврди дека прекинот на испорака кон Бугарија и Полска не е поврзано со земјава и информира дека трговците со гас во земјава, ГА-МА и НЕР, ги подмириле сите обврски во делот со снабдување со природен гас.

„Ситуацијата е комплексна и никогаш не се знае какви одлуки може да се донесат следните денови. Но ние како држава сме подготвени и имаме алтернативи за секоја ситуација. Имаме три активни системи за дистрибуција на природен гас, на ТИРЗ, со 12 потрошувачи, на ЈП Струмица Гас со 315 потрошувачи и на ЈП Куманово Гас со 100 потрошувачи. Мора да потенцираме дека најголемата потрошувачка на природен гас е во зимските месеци за снабдување со топлинска енергија, а најголем потрошувач е ТЕ-ТО Скопје. Во овој период се трошат до 45 милиони кубни метри, а во остатокот од годината до 6 милиони“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека индустриските потрошувачи приклучени на мрежата на ТИРЗ може да користат и алтернативно гориво како мазут, ТНГ и екстра-лесно гориво, а ЈП Струмица Гас целосно се снабдува со ТНГ транспортиран со камиони. Тој информира дека во тек е и гасната интерконекција со Грција која може да стане оперативна многу брзо и со која може да се очекува целосна диверзификација во снабдувањето со природен гас.

„Генерално уделот на увозот на нафтени деривати со потекло од Русија е приближно осум отсто, а со тоа и уделот во снабдувањето со нафтени деривати на пазарот на нафтени деривати кој е целосно либерализиран”, кажа Бектеши.

Тој најави дека по одлуката за прекин на испораката на „Гаспром“, следната недела во Софија ќе се состанат сите економски министри на засегнатите земји од регионот за да се презентираат сите потреби на овие држави и со тоа да се обезбеди континуитет во снабдувањето со гас.

Дека нема прекин во снабдувањето со гас денеска потврдија и од компанијата „Макпетрол“, од каде велат дека прекинот на рускиот гас во Бугарија не е поврзан со снабдувањето на компанијата, а со тоа и на крајните потрошувачи во земјава.

Состојбата со испорака на гас во моментов е стабилна, информираат и од Регулаторната комисија за енергетика, но посочуваат дека состојбата е комплексна заради што мора континуирано се следи. Од РКЕ велат дека се зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе, односно од тоа дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас.

Од РКЕ Комисијата нагласуваат дека во нашата легислатива, согласно членот 13, став 7 од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.

„Сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво“, порачуваат од РКЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...