Бектеши-Галовеј: Трговската размена со Велика Британија лани бележи раст и покрај пандемијата

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј и новиот директор на Одделот за меѓународна трговија во Амбасадата денеска се сретнаа со министерот за економија Крешник Бектеши каде разговараа за можностите за уште поуспешна соработка меѓу двете земји, пред се по потпишувањето на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка, по нејзиното стапување на сила на почетокот на оваа година.

Имено, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорката Галовеј ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство на 3 декември.

„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и секако, потенцијал за севкупен економски напредок што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји“, потенцираше тогаш Османи.