fbpx

Бектеши: 10-дневна забрана за извоз на одделни житарици и сончогледово масло, од понеделник поевтинување на горивата

-

Владата донесе одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со цел се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните, соопшти на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши, заедно со Трајан Димковски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Бектеши информираше дека согласно Одлуката од денеска 11 март, па до 20 март, односно во времетраење од 10 дена забранет е извоз на следните производи:

-пченица и наполица,
-јачмен,
-пченка,
-брашно од пченица и наполица,
-семе од сончоглед,
-масла од семе од сончоглед.

„Имајќи ја во предвид инвазијата на Русија во Украина и реперкусиите кои што оваа ситуација ги има не само на европските, туку и на светските пазари можам да кажам дека сега живееме во една од најголемите светски економски кризи. На секоја Влада приоритет и е да го заштити стандардот на граѓаните и да одржи економска стабилност“, рече министерот.

Тој додаде дека Владата ја носи оваа одлука за ограничување на извозот превентивно, за да не настанат поголеми нарушувања на пазарот поради одлуките за ограничување/ забрана за извоз на останатите земји од регионот со цел да се заштити домашниот пазар и на граѓаните во време на криза.

„Во услови на пост-пандемија, кога се соочуваме со најголемата економска криза која што Европа и светот ја паметат во поново време, граѓаните треба да знаат дека Владата е целосно посветена на намалување на негативните последици од светските негативни економски текови“, апелираше Бектеши до сите чинители во економијата дека сега е вистинското време да покажеме разбирање и заеднички да придонесеме кон намалувањето на негативните последици од кризата.

Тој повтори дека државните стокови резерви се стабилни и дека Северна Македонија има  доволна количина на залихи од пченица и пченка за покривање на домашните потреби.

„Приватните млинови/компании во земјата располагаат со преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен што се должи на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година“, рече Бектеши.

Доколку се појави потреба, Бектеши вели дека државата е подготвена и за дополнување на стоковните резерви, но за тоа во моментов нема потреба и порача граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации.

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека од понеделник цените на нафетните деривати ќе се намалат.

„Може да биде малку поскапо од Србија, од другите не верувам дека е поскап и дизелот. Денеска во Собрание најверојатно би требало да се усвои законот за ДДВ и законот за акцизи, а имајќи ги предвид и вчерашните цени на берзата и цената пред два дена, очекувам согласно анализите од утре, а многу е важно да се наведе дека веќе од понеделник ќе имаме не поевтини цени од регионот, но значително поевтини цени“, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...