fbpx

„Бехтел-Енка“ ќе проектира и ќе гради, а кој сака би работел 60 часа за повеќе пари

Премиерот на новинарските прашања одговори дека нема никакви дополнителни трошоци или некакви пенали кон „Бехтел-Енка“

-

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за да ги изгради автопатите ќе треба да користи барем половина од ресурсите во државава, при што како подизведувачи би биле ангажирани механизација и градежни компании. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека не треба да постои сомнеж за изградбата на четирите автопати, но и додаде дека договорот со овој конзорциум не се објавува бидејќи има доверливи податоци за двете договорни страни.

На новинарско прашање дали договорот со „Бехтел-Енка“ некогаш ќе биде декласифициран, премиерот објасни дека договорните страни определуваат степен на доверливост на податоците во склучените договори внатре, при што двете страни имаат технолошки и други претпоставки -деловни тајни кои не сакаат да дојдат до достапност на нивни конкуренти.

Сепак, премиерот Ковачевски повтори дека има институции во земјава кои имаат овластување за достап до договорот и повторно ги повика САД и турската влада да одговорат дали од нив или од нивни компании некој нешто побарал од оваа држава за овој проект.

Ковачевски појасни дека „Бехтел-Енка“ ќе го работи и проектирањето и изведбата на автопатските делници.

„Никој ништо не крие од никого“, вели Ковачевски.

Премиерот на новинарските прашања одговори дека нема никакви дополнителни трошоци или некакви пенали кон „Бехтел-Енка“. Тој направи споредба со автопатот Кичево-Охрид, каде што една компанија го работела проектот, а друг градел, и на крајот, излегла погрешна траса и проект, а автопатот се гради една деценија.

Во однос на осумте закони кои во моментов се наоѓаат на расправа во собраниските комисии, Ковачевски рече дека ако добие согласност од Собранието, тогаш со 60-часовната работна недела повеќе пари ќе останат во државата, а секој работник би одлучил доброволно и никој нема да биде присилен да работи 60 часа. Повеќе работни часови значи дека проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку, рече Ковачевски.

Тој спомена дека и сега има одредени индустрии и дејности кои работат во недела, а како пример ги посочи туристичките места, каде на барање на самиот бизнис сектор се работи во недела, а на работниците им е платено работењето во недела.

Во однос на поднесените 1.111 амандмани за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи од страна на Левица, Ковачевски рече дека не го чудат поднесените амандмани од Левица кога претседател на една партија оди и се поклонува на гробот на Енвер Хоџа.

Наспроти Ковачевски, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа Јавното обвинителство да отвори истрага веднаш, посочувајќи дека Димитар Ковачевски и Артан Груби договарале и потпишале договор со „Бехтел-Енка“ кој предвидува услови за чие исполнување ниту еден од нив нема мандат.

„Се поставува логичкото прашање, зошто ЈО молчи, иако имаме признание од Влада и документи кои излегле во јавноста, а кои индицираат директна милионска штета за државата причинета од врвот на власта? Дали треба да се одлеат милиони за ЈО да почне да делува“, праша пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова.

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д, по што ќе се консултира со неговиот правен тим и ќе одлучи дали ќе ги потпише.

„За давање указ за важење на законите не примам совети од никого, а најмалку од политичките партии“, изјави Пендаровски.

Инаку, во вторник на 18 април треба да продолжи собраниската расправа на матичните комисии за два од осумте предлог законски измени за изградба на автопатските делници. Собранието на РСМ засега нема закажано датум за разгледување на преостанатите шест предложени измени и дополнувања на законите, а со поднесените 1.111 амандмани од Левица станува неизвесно колку долго ќе трае комисиската расправа за измените и дополнувањата на Законот за работни односи.

Собранието на 10 април ги усвои во прво читање предлозите за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, на Законот за експропријација, на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за минерални суровини, на Законот  за работни односи, на Законот за шумите, на Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните Коридор 8 и 10д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...