fbpx

Бегалците од Идомени и од Пиреја одбиваат да заминат од импровизираните кампови

-

Грчката влада успеа да испразни еден дел од пристаништетот Пиреја, но не успеа да ги префрли бегалците во мигрантските центри. Околу 700 бегалци се префрлија само од еден во друг дел на пристаништето. Пристанишната порта Е3, каде живееја досега, ќе биде расчистена и повторно ставена во употреба за време на велигденскиот период кога се очекува зголемување на бројот на домашни и на странски патници кон островите.

Бегалците се префрлија во делот Е1 по долги убедувања од волонтерите преведувачи и од персоналот на УНХЦР на Пиреја. Луѓето не сакале по никоја цена да заминат во мигрантските центри и се согласиле само да ја заменат едната со друга локација на пристаништето. Од вкупно 4.700 бегалци, вчера кон мигрантските центри заминаа само 40 луѓе. Другите сè уште се колебаат и не сакаат да заминат во центрите, во страв дека условите таму се многу полоши од тие на пристаништето.

Надежите на грчките власти се дека скорешното отворање на центарот во областа Скарамага во близина на Атина ќе помогне да се префрлат околу 2.500 бегалци. Се работи за целосно нов центар, изведен од монтажни бараки, кои се чисти, нови, уредени, имаат клима-уреди и вградени тоалети кои се подобри од монтажните тоалети што им се достапни во моментов на Пиреја.

Бројката на бегалците кои се пренесуваат од островите кон Пиреја е значително намалена.

Вчера и денеска на пристаништето пристигнаа 59 бегалци од Самос, Хиос, Лезбос и од Родос, а имаше нова тензија и протести кај Идомени. Голема група жени и деца ја блокираа железничката пруга и на оградата на границата со Македонија скандираа да се отвори границата и македонската војска да ги пропушти да преминат во Македонија и да го продолжат својот пат кон Западна и Северна Европа. Таму, според официјалните бројки, има 11.269 бегалци.

Грчките власти успеаја да ја стават под контрола ситуацијата на Лезбос и рано изутринава го продолжија процесот со релокација и со враќање бегалци кон Турција. Со бродот „Лезбос“ рано утрово беа префрлени 50 лица од центарот Морија, кои немале поднесено барање за азил.

За време на процесот на пренесување на бегалците, во знак на протест на чинот, група волонтери кои се солидаризираат со бегалците и бараат веднаш да престане префрлањето на луѓе кон Турција, се фрлија во вода за да го запрат бродот. Групата беше уапсена и приведена од грчката полиција. Во текот на денот кон Турција и кон турското пристаниште Дикели ќе се упати уште еден брод со околу 100 бегалци и мигранти од Кос и од Самос.

Бегалците во бродовите се во придружба на полицајци од Фронтекс.

Од Турција до изутринава на грчките острови пристигнале нови 149 бегалци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...