fbpx

БЕГ и ТЕ-ТО ја анализираат владината одлука за раскин на договорот за државна помош, велат ќе продолжат да затоплуваат

-

Балкан енерџи груп (БЕГ) и ТЕ-ТО Скопје размислуваат како да постапат откако Владата го раскина договорот за државна помош, но велат дека продолжуваат со производство на топлинска и електрична енергија. Од Владата, пак, посочуваат дека договорот воопшто не се спроведувал поради неусогласеност на Законот за данок на добивка и Законот за контрола на државна помош.

БЕГ, компанијата која управува со скоро целиот систем за топлинско затоплување на домовите на голем број скопјани, заедно со фирмата која управува со топланата ТЕ-ТО Скопје, велат дека ја анализираат одлуката на владата за раскин на договорот за државна помош за ТЕ-ТО Скопје, која е еден од поголемите должници за неплатен данок на додадена вредност.

„Скопската когенеративна термоцентрала, компанија ТЕ-ТО АД Скопје, е во фаза на размислување и анализа на вчерашната владина одлука за стопирање на државната помош што на оваа компанија и беше доделена мината година со владина одлука“.

Тоа беше одговорот на сите прашања поставени од „Мета.мк“ за детални објаснувања за причините за стопорање на помошта и што тоа ќе значи во моменталното и за скорешното работење на компанијата, а кои беа упатени до ТЕ-ТО и до БЕГ, (Балкан Енерџи груп) најголемиот снабдувач со топлинска енергија на Скопје.

„Владината одлука за раскинување на договорот за државна помош и ефектите од истата се предмет на анализа од страна на органите на управување на компанијата. ТЕ-ТО АД и БЕГ продолжуваат со редовно производство и испорака на електрична и топлинска енергија“, гласи заедничкиот одговор од БЕГ и од ТЕ-ТО.

Од Владата велат дека помошта иако била дадена, воопшто не се реализирала поради неусогласеност на Законот за данок на добика и Законот за контрола на државна помош.

„Оваа помош е доделена согласно Законот за контрола на државна помош, а по претходно добиено решение од Комисија за заштита на конкуренцијата за дозволеност и основаност на државна помош“, велат од Владата.

Оттаму потенцираат дека помошта од Владата не е во вид на парична помош, туку намерата била на ТЕ-ТО Скопје да им се овозможи одложено плаќање на даночна обврска во период од 9 години, која е во висина од околу 1,5 милиони евра.

„Обврската произлезе откако компанијата прикажа добивка за 2018 година, која е фиктивна, на основ на отпишани побарувања кон доверители врз основа на планот за реорганизација во стечајна постапка донесен од Основен суд Скопје 2“, одговорија за „Мета.мк“ од Владата.

Додаваат дека оние 16 милиони евра, кои лани се спомнуваа во јавноста како сума на државна помош за ТЕ-ТО, дека е тоа всушност, износот на пресметаната камата за периодот од 9 години колку што беше периодот на одложувањето на плаќањето на главниот долг.

„Мета.мк“ праша и дали новонастаната ситуација е причина што е објавен јавен повик на БЕГ за набавка на топлинска енергија за наредните 4 месеци, во максимално количество до 340.500.000 киловат-часови. Одговорот од нивна страна гласи дека „тендерот на БЕГ за топлинска енергија е дел од редовното работење на компанијата и не е поврзан со ТЕ-ТО“.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурски, РКЕ, засега немаат официјален став околу проблемот на релација БЕГ, ТЕ-ТО и Влада, а неофицијални извори велат дека ќе имаат реакција, само доколку се доведе во прашање редовната испорака на топлинска енергија во домовите на скопјани.

За потсетување, во владиното соопштение од завчерашната седница на која едностарно беше прекината државната помош за ТЕ-ТО, стои дека: „Согласно оваа одлука, ТЕ-ТО е должно да го плати долгот кон УЈП, доколку во законската рамка постои можност и се постигне договор, долгот да биде исплатен на рати“.

Според официјалните податоци на Управата за јавни приходи, на листата на должници за долгови доспеани до 31 јули годинава, а неплатени до 31 октомври оваа година, ТЕ-ТО АД Скопје е прв на листата на УЈП, со најголем, вкупен долг од 707 милиони денари или околу 11,5 милиони евра за неплатен данок на додадена вредност.

Ниту од Владата, ниту од ТЕ-ТО, нема одговор кога и како ќе се отплаќа овој долг по основ на ДДВ.

Инаку, на официјалната страна на БЕГ пишува дека: „Од првиот ден на основањето на компанијата, БЕГ се фокусираше на ставање во функција на искуството од менаџментот во оптимизација на деловните процеси на компанијата ТЕ-ТО АД Скопје. ТЕ-ТО АД Скопје е најголемиот независен прoизводител на енергија во РСМ кој управува со гасната електрана со комбиниран циклус на производство на електрична енергија и топлина (ТЕ-ТО) со капацитет од 220 мегавати електрична енергија и 160 мегавати топлинска. БЕГ е задолжена да обезбеди помош во управувањето со електраната и нејзина интеграција во регионалниот и локалниот пазар на природен гас, електрична енергија и топлина со оптимизација на придобивките согласно пазарните можности“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...