fbpx

Бечев: Реториката на бугарската власт ќе го засили ВМРО-ДПМНЕ

-

Одговарајќи на познатата реторика во политичкиот и медиумскиот простор во Бугарија во изминативе неколку седмици, за зовриениот котел со прашањето на националниот идентитет на Македонците, за македонскиот јазик и за Гоце Делчев, познатиот професор и аналитичар Димитар Бечев во колумна за Радио Слободна Европа на бугарски јазик порачува дека диктатот на Бугарија кон Северна Македонија од позиција на сила која ги држи конците на македонската евроинтеграција може да биде сè само не плодотворен.

„На прв поглед ваквата тврда позиција има своја логика. Во моментот Софија е во силна позиција. Почетокот на пристапните преговори е моментот кога од земја-кандидат може да се извлечат значителни отстапки. Ако Бугарија смета дека залогот е животоважен национален интерес, таа не може а да не ја искористи можноста пред неа. На истиот начин на кој премиерот Борисов го извојува потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година.

Долги години Никола Груевски одбиваше да прифати таков документ. Но за Зоран Заев беше од исклучителна важност да го рестартира процесот на евроатлантските интеграции, а без благословот на Софија – и најмногу на Атина – не можеше да се случи.

Но проблемот не е во краткорочните решенија и пристапи, туку во долгорочните цели“, пишува Бечев.

Никој да не си создава илузии дека притисокот од Софија ќе доведе до чудо. Напротив, ваквата реторика на бугарската власт само ќе го засили ВМРО-ДПМНЕ, порачува тој.

„Ако некој во Софија има илузии дека еден ден во Скопје ќе си ја посипат главата со пепел и ќе ја признаат бугарската верзија за македонските историја и јазик, со сигурност го очекува лошо изненадеување. Уште повеќе доколку смета дека најсигурниот начин за реализирањето на таа цел е дипломатскиот притисок. Резултатот ќе биде токму спротивниот. Секоја отстапка од страна на Северна Македонија ќе поттикнува бран на антибугарски емоции, и во крајна сметка легитимација на „државно спонзорираната идеологија на антибугарска основа“, ако веќе треба да ја цитираме Рамковната позиција (на бугарската влада од октомври 2019 – заб.прев).

Во Северна Македонија претстојат избори и Софија веќе нафрли многу добра топка на „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно е можно – по долго виткање на раката, заедничката комисија да го објави Гоце Делчев за Бугарин, а Советот на ЕУ да ја прифати формулацијата „официјален јазик“. Но и Софија ќе треба да плати политичка цена“, пишува Бечев, предупредувајќи дека сепак ако бугарската стратегија сака зближување со Северна Македонија врз основа на заедничко минато и споделена иднина, патот треба да биде различен.

„Тој врви низ дијалогот, а не низ обидите за едностран диктат. Поради таа причина, прашањата за историјата и јазикот не треба да се во фокусот на меѓудржавните односи. Во спротивно, влегуваме во игра со никаков резултат – ако едната страна победи, другата неизоставно ќе изгуби“, пишува Бечев, предупредувајќи дека ако некој посакува Пирова победа, таа ќе потрае само од утрото до пладне.

Сродни ставови и несогласувања со бугарската реторика изразува и Људмил Илиев во коментар во бугарскиот весник „Сега“. Оценувајќи го како непродуктивно сегашното фаќање за гуша, тој вели и дека ефектот од потпишувањето на Договорот меѓу двете земји во 2017 година е скромен, оти прашањата за минатото и за јазикот се недопрени од него и фрлени во рацете на грст од властите избрани, закоравени историчари и дипломати во комисија која набргу престана да работи.

„Всушност, она што се случи во оваа комисија ги одразува речиси целосно точно и односите меѓу политичарите во истиот период. Разликата е што политичарите се потрудија – со ракување, прегратки и насмевки да создадат илузија дека настапила нова епоха меѓу двете држави. Барем за извесен период. Набргу насмевките станаа сè поретки, а преку границата полетаа укори, напади и дури едвај скриени закани. Тоа не беше отстапување од духот на Договорот за добрососедство, како што протолкуваа некои кај нас. Токму спротивното – нештата влегоа во вообичаената атмосфера во која се односите меѓу Софија и Скопје веќе неколку децении – на арогантност и учителски однос (од бугарска страна) и на полускриена омраза (од македонска). И за тоа не треба да ги обвинуваме само кусогледноста и неодговорноста на политичарите. Нештата се подлабоки и продираат до срцевината на нашите општества.

Да ја земеме за пример заедничката историја. Вистината е дека нема да биде напишана таква историја. И во Бугарија и во Северна Македонија владеат националистички настроени историчари. А кога ќе стане збор за национализам, јасно е дека историската вистина ќе биде таква што ќе им служи на натрупаните национални митови“, пишува новинарот Илиев, порачувајќи дека напредок нема да има ако во двете страни доминираат политичките, културните и научните елити создадени во минатото.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...