Бебето кое се најде на насловната страница на албум на Нирвана го тужи бендот за сексуална експлоатација

Razvan Orendovici from United States, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Спенсер Елден, кој во 1991 година додека бил бебе се појави гол на насловната страница на еден од албумите на Нирвана – „Nevermind“, сега го тужи бендот, тврдејќи дека бил сексуално искористуван како дете, пишува „Гардијан“.

Елден тужбата ја поднел во окружниот суд во Калифорнија, САД, и тоа против неколку страни, меѓу кои и тројцата преживеани членови на бендот, вдовицата на Курт Кобејн, како и издавачките куќи кои го издале и дистрибуирале албумот во последните триесет години.

Во обвинението Елден тврди дека обвинетите произвеле детска порнографија со сликата, на која тој се гледа како плива гол до банкнота од еден долар. Тој имал четири месеци кога била направена сликата и вели дека претрпел „доживотна штета“ од насловната страница на албумот, вклучувајќи и екстремни и трајни емоционални тегоби со физички манифестации, како и „губење на образованието, платата и уживањето во животот“.

Во тужбата се тврди дека сликата го прави Елден да личи на „сексуален работник кој посегнува по банкнота од еден долар“. Тој никогаш не бил платен за појавување на насловната страница на албумот, а се тврди и дека неговите родители никогаш не потпишале формулар за објавување на сликата која била снимена специјално за албумот. Претходно, пак, беше објавено дека на Елден му биле исплатени 250 американски долари.

Тој сега бара оштета од најмалку 150.000 долари од секој од петнаесетте обвинети. Обвинетите досега сѐ уште не одговориле на тужбата, ниту пак го искоментирале случајот во јавност.

Роберт Фишер, кој ја дизајнирал насловната страница за „Nevermind“ рекол дека сликата е инспирирана од Курт Кобејн кој гледал документарен филм за бебиња кои се раѓаат под вода и дека тогаш мислеле оти сликата ќе изгледа „кул“.

Во 2016 година Елден ја пресоздал сликата за весникот „Њујорк Пост“ (NewYork Post), а претходно и за „Ролинг Стоунс“ (Rolling Stones) кога имал 10 години.

Во 2007 за еден од американските медиуми изјавил дека е морничаво тоа што многу луѓе го виделе гол и дека се чувстува како „најголемата порно ѕвезда на светот“.