Во последните години, глобалната модна индустрија бележи значителни промени насочени кон одржливост, при што половната облека станува клучен дел од ова движење. Од славни личности до модни блогери, сè повеќе влијателни фигури во модниот свет избираат да пазаруваат од втора рака. Додека пазарувањето веќе носена облека одамна е нормализирано во многу земји, оваа модна преобразба сè повеќе добива значење и во Македонија.
Одржливост и свесност во модата
Минатогодишниот 29-ти Моден викенд во Скопје се одржа под мотото „Модата е вечна: Одржливост и иновации“, ставајќи фокус на еко-свесноста и креативноста. Во рамките на настанот беше организиран и Re:store – центар за рестилизирање на стари модни парчиња, каде што се славеше индивидуалноста и идејата за продолжење на животниот век на облеката.
Во Скопје, овој тренд добива сè поголема популарност, бидејќи многу граѓани бараат еколошки алтернативи за брзата мода, но и можност да купуваат квалитетни парчиња по пристапни цени. Купувањето облека од втора рака не само што им овозможува на луѓето да пронајдат уникатни модни парчиња, туку игра и значајна улога во намалувањето на текстилниот отпад и поттикнувањето на одржливи навики. Дополнително, онлајн продавниците на социјалните мрежи го олеснуваат пристапот до ваквата облека.
Нови иницијативи: Популарноста на онлајн продавниците
Виолета е основач и креатор на инстаграм профилот „Save secondhand“. Таа започнала со продажба на својата облека по една пролетна чистка, а за три години забележала значителен раст на интересот кај нејзините следбеници
„Се сеќавам, правев поголема пролетна чистка и наместо да ја складирам облеката во кеси кои ќе останат заборавени, решив да им најдам нов дом. Така започна сè“, вели Виолета.
Таа додава дека откако дознала за негативното влијание на брзата мода, профилот прераснал во многу повеќе од обична онлајн продавница – станал платформа што промовира свесност за бавна мода и еколошка одговорност.
View this post on Instagram
Слична приказна има и инстаграм профилот „Шкафот на другарките“, кој функционира од октомври 2023 година. Основачките велат дека идејата дошла од желбата да им дадат нова вредност на старите парчиња облека.
„Имаме гардероби полни со облека што повеќе не ја носиме, но која е во одлична состојба. Наместо да заврши како отпад, сакавме да ѝ дадеме нов живот и нова вредност“, велат тие додавајќи оти ттоа за нив е начин да изразат поддршка за одржливоста.
Инстаграм профилот „Your second hand corner“, пак, го водат три сестри кои одлучиле да најдат корисна намена за облеката што не ја носат. Велат оти сакаат да се дотеруваат и да експериментираат со стилови но, со текот на времето сфатиле дека плакарите им се преполни со облека што речиси и не ја носеле и повеќе не се пронаоѓаат во неа.
„Така мислата која ни прерасна во мото и овој проблем со кој секојдневно се судираме се споија“, велат тие.
Растечки интерес и нормализирање на second-hand купувањето
Според „Your second hand corner“, популарноста на second-hand пазарувањето е директно поврзана со зголемената свест за неговите предности. Инфлуенсерите и социјалните мрежи, особено Instagram и TikTok, придонесуваат за промоција на оваа пракса преку видеа и искуства што ја нагласуваат вредноста на носената облека.
„Јавната поддршка и промоцијата на овие практики играат клучна улога“, велат тие.
View this post on Instagram
Виолета од „Save secondhand“, пак, потенцира дека една од главните причини за популарноста на бавната мода е зголемената свесност за еколошките последици од брзата мода.
„Луѓето сè почесто бараат етички и еколошки алтернативи. Дополнително, second-hand продавниците нудат единствени парчиња што не можат да се најдат секаде, што за многумина е начин да го изразат својот стил и да бидат автентични“, вели таа додавајќи оти и пристапните цени се причина за растечкиот интерес.
Од „Шкафот на другарките“ се согласуваат и потенцираат дека младите генерации се сè поприсутни на платформите за купување и продавање облека од втора рака.
„Тие не само што бараат уникатност, туку сакаат и да се дистанцираат од брзата мода, која има огромен еколошки отпечаток. Второ, финансискиот аспект е исто така значаен фактор – second hand облеката нуди одличен сооднос меѓу цената и квалитетот. Конечно, тука е и културниот аспект – сè повеќе се прифаќа идејата дека носењето облека од втора рака е тренд и единствен личен печат, а не нешто негативно“, потврдуваат тие.
Предностите на одржливата мода
Една од најголемите предности на одржливата мода е што значително го намалува текстилниот отпад, имајќи предвид дека модната индустрија е еден од најголемите загадувачи во светот.
View this post on Instagram
Сопственичките на „Шкафот на другарките“ посочуваат дека на овој начин наместо да се фрла, облеката што веќе е произведена добива втор, па дури и трет живот.
„Со тоа, се намалува количеството отпад што завршува на депонии, а воедно не се трошат дополнителни ресурси за производство на нова облека“, објаснуваат од „Шкафот на другарките“.
Истото го велат и од „Your second hand corner“, напоменуваат дека овој начин се поттикнува свеста за етички шопинг, се зачувуваат природните ресурси, се намалува јаглеродниот отпечаток и уште многу други придобивки кои се од голема важност за општеството.
Како што трендот продолжува да се шири, продавниците за втора рака стануваат неизбежен дел од модниот пејзаж во Македонија. Она што некогаш беше маргинализирана пракса, денес е дел од растечкото движење кое ја комбинира модата со одговорноста за животната средина.
