Barcelona Gipsy balKan Orchesta ќе настапат во Скопје (видео)

Фото: BGKO

Бендот Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO), кој го одушеви светот со преработката на песната „Море сокол пие“, на 11 декември ќе одржи концерт во Скопје. 

Концертот на BGKO е закажан во Македонската Филхармонија, со почеток во 20 часот. Заедно со Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон, (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк Туру (виолина, Шпанија) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија) ќе настапи италијанската вокалистка Маргерита Абита.

Тие до сега издадоа 6 албуми, а одржаа концерти во повеќе од 40 земји. Во Скопје ќе дојдат во рамки на концертната турнеја по повод јубилејната 10. година од основањето.  

Покрај изведбата на безвременскиот класик „Море сокол пие“ кој италијанската вокалистка го пее на македонски јазик, публиката ќе има можност да ужива и во  изведбите на „Македонско девојче“ и веселата и ритмична румба на кралицата на ромската песна Есма Реџепова – Теодосиевска „Калеја Јаца“.

Мета.мк кон крајот на минатата година имаше можност да разговара со Иван Ковачевиќ. Тогаш спотот на „Море сокол пие“ постигна рекордни прегледи на Јутјуб за само неколку дена по објавувањето.

„Македонската музика отсекогаш била нешто посебно, нешто вечно, а „Море сокол пие“ е една од тие песни. Допира директно до срцето!“, изјави Ковачевиќ за Мета.мк.

Тој тогаш истакна дека одамна посакуваат да настапат во Скопје, но планот да гостуваат во 2020 година го наруши пандемијата.