Додека образовните власти во државата анализираат од кога би го спровеле националното тестирање во основното образование, „Мета“ побара мислења за оваа новина од експерти во областа. Овие тестови кои би ги полагале учениците, треба да бидат своевидна замена на екстерните тестови, со таа разлика што овој пат, резултатот нема да влијае на успехот на ученикот и оценките нема да влезат во свидетелствата.

Проф. д-р Кирил Барбареев, од Факултетот за образовни науки и проректор на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кој неодамна беше прогласен за амбасадор на најдобрите наставници на екс-југословенските простори, смета дека еден ваков вид тестирање треба да се сфати исто како резултат од крвна слика, кој ќе послужи да се скенира состојбата во системот на образование.

„Сите сакаме да ни биде здравствената состојба според некои стандарди од резултатите. Така и со ова тестирање. Државата треба да го види стандардот и квалитетот на образовниот систем. Таа ги финансира институциите со јавни пари на сите граѓани, заради интересот и потребата од воспитани, образовани и стручни граѓани. Проверката на знаењето ќе ја покаже сликата на многу состојби во образовниот систем. Суштината е да се види реалниот квалитет и вредност на издадената оцена, свидетелство, диплома, сертификат, сликата за училиштето во средината, но и одговорноста на стручните служби и луѓето кои ги водат училиштата, градоначалниците и самото министерство, бидејќи кај нас се уште назначувањето на директорите е политичка одлука а не стручна. Оттука, кој било вид на евалуација не треба да биде сфатен како контрола, туку како процес за подобар систем“, вели Барбареев.

Тој очекува Министерството за образование и наука (МОН) сериозно да најде начин да ги создава, но и да ги мери условите во кои се одвива наставата, наставните планови и програми, стручноста на наставниците и стручните служби, нивните знаења, вештини и ставови кои влијаат на учениците и со кои би требало да се стекнат во текот на своето образование.

„За да може да се знае за овие состојби потребно е точна информација, а тоа може да се постигне со националното тестирање. Иако не може сè да се провери со еден тест, сепак националното тестирање е важно и потребно, и тоа е поврзано со редовното оценување. Сметам дека е подобро концепиран од екстерното оценување. Мислам дека е порелаксиран, бидејќи реално ќе се спроведува два пати во основното образование, иако мислам дека може да се прави и почесто но без да се забележи и „потресат“ учениците и наставници, а тоа е преку секојдневната рефлексија на наставникот. Сепак според мене неколку прашања се најсериозни: Што и како ќе се мери односно тестира и дали е доволно тоа да биде само на 2-3 предмети? Кој, зошто и како ќе ги користи информациите?“, додава професорот.

Тој потенцира дека е важно да се види и што се случува со помалку мерливите и немерливите образовни цели, како физичката култура, моралниот, граѓанскиот и уметнички развој, социо-емоционалниот развој на ученикот. Одговорот на овие прашања, вели тој, е поврзан со градење стратегија претходно за образовниот систем, зашто многу недостатоци и импровизации во изминатиот период настануваат кога оперативно се изведува тестирањето или оценувањето.

Одделенската наставничка Драгица Поповска, пак, смета дека секое тестирање е добро за да се види до каде се децата со усвоените знаења.

– Национално тестирање треба да има само доколку е добро обмислено, издржано и регуларно, за да даде објективни резултати. Во спротивно, не би ја виделе реалната слика – смета Поповска.

Неодамна, министерот Арбер Адеми изјави дека во моментов анализираат од кога би го вовеле националното тестирање за учениците. Тој рече дека заедно со Државниот испитен центар и Бирото за развој на образованието, ќе биде изготвен акциски план кој ќе биде претставен пред Владата, а ќе содржи чекори што треба да ги преземат институциите за да се реализираат препораките од последниот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Од тоа, рече Адеми, ќе зависи кога ќе почне да се применува тестирањето.