Вистиномер рецензираше објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
14.01.2025Банкар од Лондон „Ние ги спонзориравме двете страни на војните и нацистите…ние ве затворивме да работите цел живот и кога ќе остарите е прекрасно“. Мајк: ова е прво видео со откривање на центарот на глобална контрола на човештвото.
Наспроти изнесеното, видеото не претставува „откривање на центарот на глобалната контрола на човештвото“, туку рецитирање поема од страна на актер. Актерот е Мајкл Давиот, а поемата што ја рецитира во видеото не е негова, ниту пак, тој е банкар.
Во видеото од објавата во еден дел кога се зборува за започнување на војните е додаден кадар од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, но вистината е дека Украина е жртва на воена неиспровоцирана инвазија од страна на Русија од февруари 2022 година. Зеленски не беше тој што ја нападна Русија или ја предизвика војната.
Понатаму, во делот од видеото каде актерот ја рецитира поемата, (2 минута и 10 секунда на видеото во објавата) кога се зборува за „вакцинација од болести што никогаш нема да се случат“ – има додаден кадар од вакцинација и маски што сугерира на ковид пандемијата. Таа не беше непостоечка туку реална, но заговорниците на теории на заговор од самиот почеток дезинформираа за „пландемија“, односно организиран и оркестриран план за пандемијата да почне за да се воспостави доминација и контрола врз населението.
Впрочем, целиот текст што од страна на актерот се рецитира во објавата претставува текст на Крег Џејмс Монкур, шкотски актер и продуцент. Неговата продукција на „The Banker“ (рецитирана во објавата што ја рецензираме) доби вирален статус и преку 360.000 прегледи и беше премиерно прикажана на Меѓународниот филмски фестивал во Миртл Бич во 2011 година. Откако Крег Џејмс Монкур го напишал текстот за „Банкарот“, тој го снимил и монтирал монологот во краток филм (видеото во објавата е всушност извадок од краткиот филм).
Во филмот, богат банкар му се потсмева на светот затоа што се фокусира на малите, луди работи, додека шефовите на големите индустрија суптилно го контролираат она што е навистина важно, пишуваат медиумите во Шкотска.
На сајтови може да се пронајде овој краток филм и јасно се наведува дека изведбата е на актерот Мајк Давиот, текстот е напишан од Крег Џејмс Монкур, кој на 16 октомври 2009 година го режирал и продуцирал краткиот филм.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Поемата е претворена во драмски краток текст, со јасно наведени автори и актери и не претставува „признание за глобална контрола“, туку уметничко и филмско дело.