Баниран на Твитер, Доналд Трамп лансираше своја социјална мрежа

фото: sergeitokmakov на Pixabay

Социјалната мрежа „Truth Social“, развиена од новата компанија за медиуми на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, почна да функционира во ограничена форма и веќе е достапна за преземање од продавницата за апликации на „Епл“ (Apple) во САД.

Она што корисниците прво го забележале на „Truth“ е дека платформата многу наликува на Твитер, „омилената“ социјална мрежа на Трамп пред тој да биде баниран од истата.

Социјалните мрежи одиграа клучна улога во кандидатурата на Трамп за прв човек во Белата куќа и беа неговото омилено средство за комуникација како претседател. Твитер му забрани пристап на поранешниот американски претседател по немирите во Капитол што се случија на 6 јануари минатата година. Трамп беше суспендиран од големите технолошки компании поради загриженоста за јавната безбедност по овие немири предводени од неговите поддржувачи. Немирите следеа по постојаните тврдења на Доналд Трамп, без докази, дека изборите биле наместени во корист на Џо Бајден.

Покрај Твитер, Трамп беше суспендиран и од Фејсбук и од Јутјуб. Поранешниот претседател подоцна поднесе и тужба против Гугл, Твитер и Фејсбук, тврдејќи дека е жртва на цензура.

Конзервативните политичари постојано ги критикуваа Твитер и другите големи технолошки компании дека ја ограничуваат слободата на говорот со отстранување на објави на корисниците. Како резултат на ова, минатата година се појавија бројни десничарски „алтернативни“ платформи.

Досега ниту една од нив, меѓу кои и „Парлер“, не привлече публика споредлива со онаа на големите социјални мрежи.

Лансирањето на „Truth Social“ доаѓа помалку од една година по претходниот обид на Доналд Трамп да лансира своја „платформа“. Неговите обиди тогаш резултираа во обичен блог што беше затворен за помалку од еден месец, пишува „The Verge“.

Според „Би-би-си“, веројатно е дека нецензурирана платформа како што се претставува „Truth Social“ за брзо време ќе наиде на проблеми со продавниците за апликации на „Епл“ и „Гугл“, бидејќи секоја социјална мрежа мора да ги отстранува содржините што ги кршат нивните правила.