fbpx

Балканските патишта кон ЕУ: Србија – регионалната ѕвезда на вакцинацијата во геостратешкиот мозаик

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска - Јорданова, Институт за европска политика

-

Последниве неколку месеци, Србија е ѕвездата од Балканот на вакцинацијата против КОВИД-19. На сите графикони по сите социјални мрежи следени од милиони луѓе ширум можете да ја забележите Србија на челните места по процентот на вакцинираност на населението. Славата ја стекна не затоа што беспоговорно ја следеше ЕУ, туку токму заради спротивното – затоа што играше на повеќе карти, па обезбеди вакцини од сите страни. Во меѓувреме, постерот „Хвала, брате Си“ го обиколи светот. И оваа српска политика на вакцинацијата всушност е само одраз на нејзината надворешна политика последниве години. И кога од ЕУ предупредуваат на потребата да се зајакне нивното присуство на Балканот, заради геостратешката конкуренција, пред сѐ ги имаат предвид добрите односи на Србија со Русија и Кина. Меѓутоа, приказната не е така едноставна.

Да ја погледнеме најпрвин можеби во моментов поздодевната приказна за пристапниот пат на Србија во ЕУ. Србија стана кандидат за членство во ЕУ во февруари 2012 година. Ги почна преговорите во јануари 2014 година, откако во декември 2013 година Советот на ЕУ ја усвои преговарачката рамка.

Објаснувачкиот и билатералниот скрининг (дијалогот за утврдување на усогласеноста со ЕУ) траеја вкупно две години и три месеци (од 25.9.2013 година до 4.12.2015 година) – околу една година подолго одошто за Црна Гора.

За разлика од Црна Гора, отворањето на поглавјата започна не со најлесните, туку со најтешкото поглавје 35 Други прашања. Поглавјето 35 е специфично за Србија и таа е досега единствената држава за кое ова поглавје е отворено на самиот почеток, а не за различни преостанати прашања на крајните фази од преговорите во претходните проширувања (од кои некои беа политички осетливи, но не добија гласност, ниту беа предмет на слична условеност). Ова поглавје ги опфаќа односите со Косово и истовремено е услов за напредок во преговорите воопшто. По првите две отворени поглавја во 2015 година,  следната (2016 година) беа отворени четири поглавја, во 2017 година – дури 6, во 2018 – 4, во 2019 година – две, а во 2020 ниедно поглавје. Така, досега Србија има отворено 18 поглавја, а привремено затворено се само 2 – оние коишто се сметаат за најлесни: 25 Наука и истражување и 26 Образование и култура.

Не се отворени шеснаесет поглавја. Тоа се потешките, меѓу кои и 27
Животна средина, 12 Земјоделство и рурален развој, 13 Безбедност на храната, 1 Слободно движење на стоките, 8 Конкуренција, итн.

За споредба, на Црна Гора ѝ требаа 8 години од првата меѓувладина конференција за да ги отвори сите поглавја, а Србија за 6 години отвори само нешто повеќе од половина од поглавјата, со тоа што потешките допрва треба да се отворат (освен оние за владеење на правото и за односите со Косово кои и така ќе бидат последни затворени). Очигледно е дека процесот е многу побавен за Србија одошто за Црна Гора. Покрај тоа, може да се заклучи дека последниве две години, откако се најави новата методологија, динамиката е значително успорена, ако не може да се каже дека е згасната. Секако дека голем дел од причините се во самото отсуство на волја за проширување во Европската унија, но дел се и кај самите пристапнички.

Конкретно, Европската унија нема многу пофалби за демократскиот развој на Србија последниве години. Напротив, сериозни се критиките особено во областа на правосудството и темелните права, како и слободата на медиумите. Со години доцни пакетот уставни и законски промени за реформа на судството (воспоставување независен судски совет, итн.). Во последно време сѐ почести се и опомените за нападите врз невладините организации.

Србија во 2019 година се усогласила со 60 проценти од заедничките позиции на Заедничката надворешна политика на ЕУ, што соодветствува на нејзината надворешно-политичка стратегија за истовремени интензивни односи и со Русија и со Кина. Меѓутоа, она што е посебно забележливо е изразитата наклонетост кон развој на односите со Франција, на чија поддршка во ЕУ Србија очигледно смета. Србија конечно минатата година ја прифати и новата методологија за проширувањето предложена од Франција. Темите на релативно честите средби меѓу претседателите Макрон и Вучиќ и на други нивоа се разнородни, па освен засилениот интерес на Франција во дијалогот Србија – Косово, интересно е да се спомене дека двете земји веќе потпишаа спогодба за реализација на приоритетни економски проекти во Србија, со кои двете земји се обврзуваат да го реализираат метрото во Белград. Да видиме како овој економски потфат ќе се вклопи во критериумите во Поглавјето 5 Јавни набавки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измислена изјава на Фон дер Лајен пласирана како вистинска

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 15 април 2024 година никаде на изјавила дека во наредните 15 години најверојатно ќе нема проширување на ЕУ. Вакво нешто таа нема изјавено...