Најмладата држава во регионот – Косово ја прогласи независноста во 2008 година, но сѐ уште се бори за место во меѓународниот поредок. Нешто над половината членки на ООН ја признаа државата како независна, повеќето од нив дури и пред Меѓународниот суд за правдата да каже дека прогласувањето независност не било спротивно на меѓународните норми (во 2010 година). Секако, за Косово е најзначајна поддршката од САД и од големото мнозинство членки на ЕУ. Сепак, пет членки на ЕУ сѐ уште не го признаваат Косово како независна држава – Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија.
И покрај проблемите со признавањето, и Обединетте нации и ЕУ изнаоѓаа начини да ги применат своите инструменти на Косово. Обединетите нации ја продолжија својата мисија УНМИК, востановена уште во 1999 година, додека ЕУ воспостави посебна мисија за владеење на правото. Така во Косово сега има и специјален претставник на ОН и специјален претставник на ЕУ.
Европската унија склучи Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Косово во 2016 година. За разлика од другите спогодби со државите од регионот оваа спогодба е меѓу ЕУ, а не и државите членки, и Косово, со што се избегна можната блокада од државите членки на ЕУ што не го признаваат Косово.
Процесот на визна либерализација започна во 2012 година, а Европската комисија заклучи дека Косово ги исполнува условите во 2018 година. Сепак, оттогаш нема постигнато согласност меѓу државите членки во Советот на ЕУ за граѓаните на Косово да можат да патуваат во ЕУ без виза, иако и ова беше еден од приоритетите на минатогодишното германско претседателство. Инаку, во Западниот Балкан сите држави имаат меѓусебен безвизен режим, освен Косово и Босна и Херцеговина.
Клучното прашање за Косово остануваат односите со Србија. Косовските и српските претставници се во дијалог за нормализација на односите уште пред Косово да ја прогласи независноста. Бриселскиот договор од 2012 година овозможи Србија да ги отпочне преговорите со ЕУ, а Косово да го почне дијалогот за визна либерализација. До „сопнување“ во дијалогот доаѓаше секогаш кога разговорите ќе ги допреа „жешките прашања“, каков што е статусот на српската заедница – главно во Косовска Митровица. Во 2018 година преговорите практично замрзнаа со воведувањето од страна на Косово на 100% царинска стапка за производите од Србија и Бих, којашто беше укината минатата година.
Европската унија се наметна како главен медијатор во спорот со условување на европската перспектива и за Косово и за Србија со напредок во нивниот дијалог за нормализација на односите. Трамповата епизода на можно преземање на палката во медијацијата Косово-Србија од септември минатата година, без консултација со Брисел, се чини дека ќе биде надмината со најавуваниот координиран настап на ЕУ и САД кон ова прашање.
Едно од споменуваните решенија за српско-косовскиот спор – размената на териории – секогаш наидуваше на силна критика во ЕУ, особено од Германија, која сметаше дека тоа ќе ја отвори пандорината кутија во регионот. Tаа сепак како да се подотвора со неодамна промовираните идеи во фамозниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој го отвора прашањето на границите во регионот и предлага спојување на Албанија и Косово.
Внатрешната политичка стабилност останува горливо прашање за Косово. Досега ниедна Влада не успеала да го издржи целиот мандат, главно поради кревките коалиции. Од друга страна, ентузијастичкиот почеток при стекнувањето независност со многу млади и професионални кадри кои влегоа во јавната администрација и требаше да ја претставуваат новата косовска елита како да паѓа во сенка на сѐ поизразената политизација – што сѐ повеќе станува предмет на критики од Брисел. Се чини дека новата Влада на Levizja Vetvendosje и Lista Vjosa, предводена од Албин Курти има шанси да истрае цел мандат, но само доколку ги постави вистинските приоритети и оствари промени за кои косовските граѓани гласаа.
Од друга страна, аналитичарите се повоздржани во поглед на можностите за динамизирање на преговорите со Србија. Сепак, честитката на ЕУ за изборот на новиот косовски премиер дојде со отворена покана за следна рунда на разговорите со Белград. Меѓутоа, особено по кризата со КОВИД-19, сѐ повеќе се поставува прашањето колкава ќе биде привлечната сила на ЕУ, a со тоа и нејзината моќ за влијание врз горливото прашање на односите меѓу Приштина и Белград.