Фотo: Justin W Flory, Wikimedia Commons

Малкумина денес се потсетуваат дека Албанија прва од земјите на денешниот регион што се нарекува Западен Балкан склучи договор со соработка со ЕУ, уште во 1992 година. Она што сериозно го забави напредокот кон ЕУ, а пред сѐ – натамошниот демократски развој на земјата, беа безредијата во 1997 година, кои резултираа со ограбување на аресеналите на оружје и муниција, но и големи суми државни пари.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Албанија ги започна преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација уште во 2003 година, а таа беше потпишана во 2006 година. 2009–та година беше година на успеси – Албанија стана членка на НАТО, влезе во сила ССА, а државата поднесе барање за членство во ЕУ. Визна либерализација доби во 2010 година, но оттогаш бројот на баратели за азил стана и еден од условите за натамошен напредок кој постојано се следи.

Патот на Албанија кон ЕУ потоа го карактеризираше сѐ посилна условеност во секој натамошен чекор. Дванаесет клучни приоритети во 2012 година, пред да стане кандидат во 2014 година, пет клучни приоритети за почеток на преговори, акциски планови, дијалози… Меѓутоа, зад овие точки стоеја барања за суштествени реформи, па дури и за начините како Албанија да ги изведе. Ова особено се однесува на реформата по која Албанија е најпозната во регионот – ветингот во судството, како досега единствен процес со таков опсег. За него, Венецијанската комисија даде мислење дека ѝ е неопходен и потребен на Албанија во конкретните услови и за да се спречи корупцијата, но само како „исклучителен и привремен“. Процесот, кој официјално започна да се реализира со уставните измени во 2016 година е извонредно комплексен и беше следен со многу контроверзи и директно поддржан од меѓународната заедница. Вклучуваше воспоставување цела низа тела за ветинг на судиите, јавните обвинители, но и други лица на висока позиција во судстото. Секој од нив мора да помине процес на проценка на три компоненти – имотот, „позадински“ и за стручноста. Во текот на ветингот, Албанија остана практично без највисоките судски органи – Уставниот и Врховниот суд, а процесот имаше и сериозни последици за ефикасноста на судството, што е разбирливо кога околу 60 отсто од оценуваните или не го поминале ветингот, или сами си дале оставка. Иако овој процес е далеку од завршен, се наѕираат првите позитивни резултати. И Уставниот и Врховниот суд сега се функционални (иако не со сите избрани судии), а тие беа напомнати како експлицитен услов за одржување на првата меѓувладина конференција.

Овие резултати, но и оние за другите четири услови беа основа неодамна Европската комисија да изнесе став дека Албанија ги исполнила условите за првата меѓувладина конференција. Тие беа: изборна реформа во согласност со препораките на ОДИХР, напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, измена на законот за медиумите и справување со барањата за азил. Меѓутоа, оваа оценка на Комисијата во однос на оценката на исполнетоста на условите допрва ќе треба да биде потврдена и во Советот на ЕУ од страна на државите членки.

Албанија ја чекаат парламентарни избори на 25 април оваа година. И покрај фактот што многу од реформите на кои погоре се осврнавме мораа да бидат и беа донесени во согласност меѓу позицијата и опозицијата, односите меѓу нив сѐ уште се високо поларизирани. Ова дополнително се искомплицира со унилатералните владини измени на Изборниот законик од октомври 2020 година, по веќе постигнатиот меѓупартиски консензус, поддржан од меѓународните актери. Според постојните анкети води сега владејачката Социјалистичката партија на Еди Рама, но мартовскиот договор за постизборна коалиција меѓу опозиционите Демократската партија (Лулзим Баша) и Социјалистичкото движење за интеграција (претседател Моника Криемади, сопруга на сегашниот претседател Илир Мета) го прави исходот понеизесен. Како и да е, како ќе се спроведат иборите секако ќе влијае и на оценката што државите членки на ЕУ ќе ја дадат за исполнетоста на условите за првата меѓувладина конференција.

И покрај трновитиот пат, албанските граѓани останаа континуитрано со највисока поддршка за членството во ЕУ – со дури 86 отсто од граѓаните (според последниот ЕУ барометар, од 2020 година). Албанската надворешна политика, пак, може да се пофали со 100 проценти усогласеност со позициите на ЕУ за надворешната и безбедносна политика на државата.

По изборите во Албанија, може да се очекува актуелизација на отворањето на преговорите и за Албанија и Северна Македонија и особено прашањето на „пакет“ или „одвојување“. Позицијата на Бугарија дополнително го комплицира прашањето, особено имајќи предвид што единствениот услов што Бугарија го постави за Албанија е имплементација на „правата на бугарското малцинство во Албанија“, вклучувајќи и во пописот, изрично споменувајќи ги областите, во кои малцинството досега се изјаснуваше како македонско. Албанија го вметна бугарското малцинство во Законот за национални малцинствата во 2017 година, во пресрет на бугарското претседателство со ЕУ во 2018 година. Бугарската политика досега јасно „игра“ на раздор меѓу Албанија и Северна Македонија.

Инаку, не многу познатиот спор за поморските граници во Јонското море меѓу Грција и Албанија, во нивна меѓусебна согласност, е веќе пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Како и да е, долг и сложен ќе биде патот до ЕУ и за Албанија и за Северна Македонија, а и исполнет со многу предизвици – геостратешки, политички, општествени… Ќе биде многу покорисно од двете држави да ја насочат енергијата кон многу потребната конструктивна соработка на сите полиња и од сите субјекти, наместо бесплодна кусогледа дискусија – која држава ќе биде напред во која од многуте следни фази на пристапувањето.