Балканскиот рис повторно снимен како шета низ Галичица

Фото: Национален парк Галичица

Млад балкански рис е фотографиран во Националниот парк „Галичица“. За една година, ова е втора фотографија на дивата мачка во овој дел од земјата. Снимката ја споделија официјалната Фејсбук страна на проектот за спас на балканскиот рис Balkan lynx – Rrëqebulli i Ballkanit – Балкански рис, страницата на Македонското еколошко друштво и на Националниот парк. Рисот бил снимен со една од фотозамките поставени за следење на живиот свет.

„Да се долови карактерот на едно животно со фотозамка многу ретко се случува. Сепак, нашата камера успеа да направи речиси перфектна фотографија на млада единка на балкански рис, како талка низ преубавите шуми на Галичица“, напишаа од проектот Balkan lynx.

Првата фотографија на балкански рис на Галичица беше направена пред точно една година, по неколку децении отсуство од овој дел на земјата. И тогаш беше снимена со фотозамки поставени покрај оградата на Репродуктивниот центар за елени. Досега, најчесто, животното се сретнуваше во Националниот парк „Маврово“.

Во земјава се претпоставува дека има уште педесетина единки балкански рис, што ова диво животно го става на листата на  Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно. Покрај криволовот и драстичното намалување на неговата храна, срната, илегалната сеча на шумите и напливот на кучиња скитници во руралните делови во земјата, се меѓу главните закани за опстанокот на балканскиот рис.

Зачувувањето на рисот повеќе од една деценија е проект на Македонското еколошко друштво кое преку теренски активности за спас на овој вид обележува и следи десетина животни.