Пристигнува во Македонија Балканскиот медиумски камион (Balkan News Truck), иницијативата која ја спроведува CFI – Француската Агенција за развој на медиуми во партнерство со Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, а со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот Shared Horizons.

По турнејата во Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, Balkan News Truck продолжува со своето патување и овој пат ќе застане во Битола (3 и 4 ноември, на Широк Сокак, спроти кафе-бар Јагода), Гостивар (6 и 7 ноември, на паркингот пред гимназијата СОУ „Гостивар“), во Штип (10 и 11 ноември, на градскиот плоштад „Слобода“) и во Скопје (13 и 14 ноември).

„Балканскиот медиумски камион е патувачка платформа што ги истражува вестите, сликите и критичкото размислување. На секоја станица, камионот ќе биде поставен на централни јавни простори, нудејќи проекции, квизови и разговори за тоа како настануваат информациите, како се споделуваат и како ги доживуваме. Ова е можност за граѓаните да се соберат, да разменат мислења и да ги согледаат вестите од поинаква перспектива, за да се поттикне критичко размислување, медиумска писменост и отворен дијалог за улогата и влијанието на информациите во секојдневниот живот. Настаните се бесплатни и отворени за сите“, информираат организаторите.

На овој линк има повеќе информации за програмата, говорниците и за локациите.

Македонската турнеја на Балканскиот медиумски камион е дел од предпрограмата на Деновите на медиумска писменост, што ќе се одржат од 17 до 24 овој месец.

Во периодот од септември до ноември, низ шест земји од Западен Балкан — Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија,  Балканскиот медиумски камион ќе посети 20 градови, нудејќи им на граѓаните, посебно на младите, интерактивни квизови, дискусии, работилници и видео-проекции. Целта е да ја истражи улогата на информациите во современото општество и да ја зајакне отпорноста на граѓаните кон дезинформации и манипулации.