По турнејата низ Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, „Балканскиот медиумски камион“ (Balkan News Truck) пристигнува и во Македонија.

Во рамки на своето патување низ регионот, камионот ќе направи четири станици во земјата – Битола, Гостивар, Штип и Скопје, каде граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во низа интерактивни настани поврзани со медиумите и критичкото размислување.

Според најавите, караванот ќе пристигне во Битола на 3 и 4 ноември (на Широк Сокак, спроти кафе-бар „Јагода“), во Гостивар на 6 и 7 ноември (паркинг пред гимназијата СОУ „Гостивар“), во Штип на 10 и 11 ноември (Градски плоштад „Слобода“), а турнејата ќе заврши во Скопје на 13 и 14 ноември.

„Балканскиот медиумски камион“ е патувачка платформа што го истражува начинот на создавање, споделување и доживување на вестите. На секоја локација, посетителите ќе можат да присуствуваат на проекции, квизови, работилници и разговори со цел да се поттикне медиумската писменост, критичкото размислување и јавниот дијалог околу улогата на информациите во современото општество.

Настаните се бесплатни и отворени за сите, а програмата и деталите за говорниците и активностите се достапни на веб-страницата balkan-voices.com/BALKAN-NEWS-TRUCK . Македонската турнеја претставува предпрограма на „Деновите на медиумска писменост“, кои ќе се одржат од 17 до 24 ноември 2025 година.

Проектот Balkan News Truck се реализира од CFI – Француската агенција за развој на медиуми, во партнерство со Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот „Shared Horizons“.

Од септември до ноември годинава, камионот патува низ шест земји од Западен Балкан – Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија, посветен на јакнење на отпорноста кон дезинформации и медиумски манипулации, посебно кај младата популација.