Балканот се обединува за чист воздух: итно да се затворат електраните на јаглен

Фото: ДИЖС

С. Македонија и годинава, ќе биде дел од регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од аерозагадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина преку регионална солидарност.

Оваа година, кампањата, во која земјава е дел со преку Air Care и Мој воздух на Горјан Јовановски, ќе се фокусира, меѓу другото, и на последиците од загадувањето предизвикано од електраните на јаглен, како и загадувањето кое потекнува од тешката индустрија.

„Согорувањето на јаглен е најголемиот поединечен извор на загадување на воздухот во Западен Балкан. Само термоелектрана „Угљевиќ“ испушта повеќе сулфур диоксид (107.402 тони во 2020 година) од вкупните дозволени емисии на сите постројки опфатени со националните планови за намалување на емисиите (103.682 тони) и сама ги надминува сите годишни вредности собрани заедно“, се вели во соопштението од граѓанските организации.

Фото: Обединет Балкан за чист воздух

Организаторите на кампањата, имплементирана од Европскиот фонд за Балканот и поддржана од организации од С. Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Србија, бараат што поскоро затворање на електраните на јаглен и итно усогласување на загадувањето од тешката индустрија со соодветната регулаторна рамка, а граѓаните да бидат вклучени во носење одлуки за еколошки дозволи и други документи во врска со производните погони.

Увозот на електрична енергија произведена од Западен Балкан во Европската Унија изнесува 0,3 отсто од електричната потрошувачка на ЕУ, но емисиите на сулфур диоксид од ова производство претставуваат 50 отсто од сите емисии на термоелектраните во Унијата. Јагленот, освен во индустријата, се троши и во домаќинствата и во топланите, па престанокот на употребата на ова фосилно гориво ќе го елиминира главниот извор на загадување на воздухот во Западен Балкан. Загубата на бруто домашниот производ поради загадениот воздух на Западен Балкан само во 2016 година изнесува 8,5 милијарди евра.

„Наместо да се градат и реновираат термоелектрани, средствата од буџетот би можеле да се насочат за социјални програми и преквалификација на работниците, како и изградба на соларни централи на местото на рудниците за јаглен, кои би ги замениле капацитетите за производство на електрична енергија. На тој начин, трансформацијата на индустријата би можела да биде најзелена на континентот“, велат организаторите на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.