Балканот еколошките проблеми ги разбира само на хартија

Планот за справување со аероагадувањето е добар, но овој проблем не може да се реши краткорочно бидејќи има повеќе фактори како греењето на домовите, енергетската ефикасност, сообраќајот со кои треба да се справиме, изјави министерот за животна средина Насер Нуредини на маргините на конференцијата посветена на животната средина на Западен Балкан во организација на Асоцијацијата на чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) и на Амбасадата на Велика Британија (#WBGreenTalks).

„Пристапот кон ова прашање не смее да биде само локално ниту е тоа работа само на владите туку и на сите поединци и владата и приватниот сектор и граѓаните“, рече Нуредини.

На прашање на новинарите на што конкретно работи како министер за животна средини, Нуредини со одговор: Со мојот тим работиме на повеќе прашања-квалитет на воздухот, управување со отпадот, водата, работиме на подобрување на законите, оправдувајќи се дека кратко време е на функцијата министер за животна средина. На прашањето како е задоволен од работата на инспекторатот за животна средина по инцидентот со загадувањето на Вардар од погоните на Арчелор Митал, Нуредини се пофали со тесна соработка со инспекторатот, но истакна дека е потребно да се подобри соработката и со локалните инспектори.

На конференцијата беше дискутирано за влијанието на политиките на владите во поглед на најважните прашања од аспект на заштитата на животната средина во балканските земји и расчекорот помеѓу постојната законска регултива и директивите за животна средина на ЕУ на кои земјите на западен Балкан се обврзаа и нивната имплементација во пракса.

„Во моментов на Балканот има 16 термоцентрали на јаглен и последица од нивното загадување се околу 3.000 смртни случаи на Балканот и пошироко и околу 8 илјади нови случаи на хронични заболувња предизвикани од загадувањето што чини околу 11,6 милијарди евра на годишно ниво и тие имаат повисоки емисии на сулфур диоксид и други загадувачки материи од 216 термоцентрали во цела Европа“, вели Виктор Беришај, експерт за енергетика од Косово.

„Сепак, тоа не ги спречува речиси сите балкански држави да имаат долгорочни планови за изградбаа на нови термоцентрали. На хартија се чини дека Балканот ги разбрал своите проблеми и дека почнал да се движи кон поодржлив развој, а дека она што се обврзале да ги следат ЕУ регулативните во поглед на енергетиката, штетните емисии и климатските промени е само на хартија и во пракса не се случува“, рече Беришај.

„Имаме добри закони, имаме институции и има следење на законите но и на помалку транспарентни агенди кои завршуват со случаи како некои балкански реки кои целите завршуваат заробени во цевки“, беше речено на денешната конференција од претставници на граѓански организации од Косово. За каква енергетска и економска издржливост ние зборуваме ако ова сè уште се случува?

На прашањето на „Мета.мк“ упатено со министерот Нуредини на паузата од конференцијата дали ќе ги преиспита дадените концесии за мали хидроцентрали на оние реки каде е најголемо негативното влијание врз опстанокот на живиот свет во нив, министерот Нуредини со одговор: „Концесиите ги дава Владата, јас не учествував во тој процес, ќе ги разгледаме сите за да видиме дали во постапката на издавањето концесии биле запазени сите законски процедури“.

Николас Чеунг од Велика Британија, кој работи како адвокат на проблематиката на заштитата на животната средина истакна дека граѓанските организации во Европа, посебно во земјите како Велика Британија и Холандија станаа силен фаактор кој не само што влијае на промените на политиките на владите во поглед на примената на постојните закони за животнта средина, туку влијае и на зголемување на нивните амбиции при кроењето на плановите и стратегиите за заштита на животната средина и за борба со климатските промени.

Зборувајќи за важноста од следењето на регулативите на ЕУ од оваа област, Ива Бончева од Бугарија го наведе примерот на својата земја каде Унијата го запре финансирањето на еден од најважните инфраструктурни проекти во Бугарија, автопатот кој поминува низ долината на реката Струма бидејќи оваа членка на ЕУ не ги следела до крај директивите за заштитените подрачја кои беа задолжителни. На конференцијата беше истакнато и дека е многу несреќна одлуката на ЕУ да не се отпочнат преговорите за пристапување кон Унијата за Северна Македонија и Албанија, но дека тоа не смее да ги сопре напорите на овие земји за градење на политиките за подобрувње на состојбата на животната средина.

„Сакавме да ја поттикнеме дискусијата за заштитата на животната средина во земјите на Западен Балкан, но и да ја подигнеме свеста и да ги претставиме добрите практики во светот и во регионот кои можат да се применат“, рече Ѓакуш Кабаши од Асоцијацијата на чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА), која беше организатор на денешниот настан.