„Баланеску квартет“ повторно ја воодушеви скопската публика

Александер Баланеску во Скопје, 11 март 2022 г. Фото: Meta.mk.

Во петокот, на 11 март 2022 година, членовите на лондонскиот „Баланеску квартет“ (Balanescu Quartet) се вратија во Скопје по двоиполдецениска пауза и повторно ја воодушевија публиката со концерт во Филхармонијата на Република Северна Македонија.

Дел од присутните на концертот со носталгија се потсетуваа на двата концерти кои „Баланеску квартет“ ги одржа во текот на деведесеттите во Скопје додека беа на врвот на славата по соработките со „Крафтверк“, Дејвид Брн, Лори Андерсон, Филип Глас и „Пет шоп бојс“. Во периодот кога земјата се соочуваше со различни видови изолација и закани од војна, доаѓањето на светски познатиот квартет многумина го сметаа за враќање кон современите цивилизациски текови и знак дека конечно работите тргнуваат кон подобро, што доведе до еуфорична атмосфера.

И самиот основач и лидер на „Баланеску квартет“, романскиот виолинист и композитор Александер Баланеску (Alexander Bălănescu), при неговиот воведен збор изјави дека претходните настапи во Скопје биле посебни, а и дека знае дека се присутни не само скопската публика туку и луѓе кои дошле од далеку.

„Баланеску квартет“ во Скопје на 11 март 2022 година. Фото: Meta.mk.
„Баланеску квартет“ во Скопје на 11 март 2022 година. Фото: Meta.mk.

Тематски, репертоарот на концертот се состоеше од три дела. Првиот дел се состоеше од интерпретација на суитата „Марија Т.“ компонирана од Баланеску во чест на непрежалената романската пејачка Марија Танасе (Maria Tănase, 1913-1963), изведена во комбинација со нејзини снимки.

При тоа, Бала посебно ја најави композицијата „Младиот регрут и Месечината“ (The Young Conscipt and the Moon) објаснувајќи дека се работи за гудачка интерпретација на традиционална хумористична песна во која родителот се обраќа на офицерот кому му го предава својот син молејќи го да не го малтретира, а која на свој начин може да се смета и за антивоена.

Вториот дел опфаќаше интерпретација на делото „SoulEtude“ чие име може да се преведе и како „Етида за душата“ и „Осаменост“. Баланеску објасни дека го компонирал за да го пренесе своето искуство од прогонството, односно егзилот.

Александер Баланеску е роден во Букурешт 1954 година. Како што тој објасни на концертот, неговото семејство било присилено да ја напушти родната земја во седумдесеттите години и тој се вратил во Романија по падот на режимот на Чаушеску, дваесетина години подоцна.

Првото враќање во 1991 година било само на пет дена кога квартетот одржал концерт во рамки на фестивал организиран од Романскиот сојуз на композитори, но му оставило огромен емотивен впечаток на Баланеску. Инспириран, тој го компонирал делото „Луминица“ (Luminitza) или „мала светлина“, со кое сакал да ја искаже својата надеж во иднината.

„Луминица“ го сочинуваше третиот дел од концертот. Баланеску на скопската публика ѝ објасни дека пред да го компонира, за инспирација одреден период систематски слушал романска народна музика. Немал инспирација директно да ја цитира, сметајќи дека не може да ја надмине вредноста на фолклорното творештво.

По завршувањето на основната програма, публиката преку громогласен аплауз и овации ги врати „Баланеску квартет“ два пати на бис, при што на крајот ја изведоа и својата верзија на познатата композиција „Модел“ (Model) од „Крафтверк“.

„Баланеску квартет“ во Скопје на 11 март 2022 година: Александер Баланеску, Јури Калнитс, Николас Холанд и Хелен Каминга. Фото: Meta.mk.
„Баланеску квартет“ во Скопје на 11 март 2022 година: Александер Баланеску, Јури Калнитс, Николас Холанд и Хелен Каминга. Фото: Meta.mk.

Александер Баланеску има студирано во Ерусалим, Лондон и Њујорк и во 1979 година станал лидер на „Мајкл Ниман бенд“, кој го водел 15 години. Истовремено бил дел и на други групи за современа музика како „Ардити квартетот“, а во 1987 година го оформил својот квартет. Во Скопје заедно со него настапија и Јури Калнитс на виолина, Хелен Каминга на виола и Николас Холанд на виолончело, со поддршка на аудио продуцентот Дејвид Кент.