Бакојани бара Коѕиас да објасни која е црвената линија на грчката влада за името

-

Екс шефицата на грчката дипломатија и пратеник на Нова демократија, Дора Бакојани бара објаснување од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас за грчките позиции околу спорот за името со Македонија.

Барањето доаѓа по кавгата во неделата меѓу Бакојани и министерот за одбрана Панос Каменос, кој тврди дека грчката национална позиција за името е поставена во 90-те и не дозволува во името на нашата држава да стои терминот „Македонија“.

Бакојани заедно со Јоргос Кумуцакос и пратеникот Јанис Кефалојанис прашуваат, која е точно позицијата на владата и грчкото министерство за надворешни работи, бидејќи ставот на Каменос кој е владин партнер е спротивен од грчката позиција договорена во 2008 година, за сложено име со географска одредница ерга омнес.

– Министерот за одбрана Каменос јасно посочи дека националната линија, формирана на Советот на политички лидери во април 1993 не е сменета. Вие, пак, на повеќа наврати имате изјавено дека Грција има направено чекори кон заеднички прифатливо сложено име со географска одредница за севкупна употреба – пишува во писмото на Бакојани, Кумуцакос и Кефалојанис до Коѕиас.

Пратениците на Нова демократија коментираат дека покрај изјавата на Каменос збунувачки за нив е што членови, пратеници и министри на СИРИЗА повремено изјавуваат дека немаат против Македонија да го задржи и своето уставно име.

– Која е позицијата на владата и на Министерството за надворешни работи во врска со спорот за името за Скопје – прашуваат тројцата пратеници, барајќи Коѕиас да расчисти кој точно е ставот на владата на СИРИЗА и Независни Грци околу ова прашање.

Од самиот старт на почетокот на коалицијата СИРИЗА-Независни Грци е познато дека двете партии имаат целосно спротивни ставови по ова прашање и јавно се воздржуваат од коментари за меѓусебните позиции.

Во неделата за време на парламентарната расправа за грчките мерки за штедење Каменос и Бакојани имаа жестока расправија околу името.

Каменос инсистираше дека грчката позиција е да не се дозволи користење на името Македонија за нашата држава во преговорите, додека пак Бакојани школски му објасни дека пред НАТО самитот во 2008 мнозинството грчки партии ја прифатија новата позиција за сложено име ерга омнес.

Премиерот Ципрас кој беше присутен во Собранието се воздржа од коментари на темата.

 

Западот не ги предводи, туку бара прекин на војните во Украина и Палестина

Англосаксонскиот свет не се бори против христијаните и муслиманите, ниту пак, е поттикнувач на војната во Украина и во Палестина. Во западните држави живеат и муслимани и христијани, како...