Потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, во денешниот говор на конференцијата на Атлантскиот совет во Истанбул, рече дека е време Европа да ја подобри енергетската безбедност и да најде други извори за снабдување со енергенти за да ја намали зависноста од Русија, пренесуваат светските медиуми.
Тој предупреди на досегашната практика на Русија, енергентите да ги користи како оружје во својата политика кон соседите.
Американскиот потпретседател истакна дека Русија и понатаму ќе биде главен снабдувач со енергенти на Европа, но ќе мора да ги почитува правилата на игра.
Предвидено е Бајден, попладнево, да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а според најавите, на средбата треба да биде разговарано за билатералните односи на двете земји, кои се заострија по кризата во Сирија.
Потпретседателот на САД ќе се обиде да ја убеди Анкара да заземе поактивна улога и да ја зголеми помошта за коалицијата во борбата против екстремистите од ИСИС.