Џо Бајден / Фото: The White House -Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е убеден оти рускиот претседател Владимир Путин донел одлука да ја нападне Украина. Но, исто така кажа и дека се надева дека може да се постигне дипломатско решение.

„Од овој момент, убеден сум дека тој ја донел одлуката за инвазија на Украина“, рече Бајден на прес-конференција откако претходно имал 45-минутната конференција со неговите европски колеги.

Тој разговарал со лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Британија, со лидерите на ЕУ и НАТО, соопшти Белата куќа.

Државниот секретар Антони Блинкен ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 24 февруари, со цел да се најде компромис што ќе спречи војна.

„Ако Русија преземе воена акција пред тој датум, тогаш би било јасно дека тие ѝ ја затвориле вратата на дипломатијата. Ако изберат војна ќе платат висока цена за тоа“, рече Бајден.

Русија ги обвини САД за „хистерија“ и негира дека планира да ја нападне Украина.