Џо Бајден / Фото: The White House -Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден пред почетокот на Самитот на НАТО во Брисел рече дека САД имаат „света обврска“ кон своите сојузници во Алијансата. Бајден ќе присуствува на Самитот на НАТО во рамките на неговото прво прекуокеанско патување како претседател на САД, јавува Вашингтон пост.

Бајден пристигна во Брисел по неговото учество на тридневниот Самит на лидерите на Г7 во Англија, а во претстојните денови предвидено е тој да се сретне со европските лидери. Во среда Бајден е предвидено да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин.

Присуството на претседателот Бајден на Самитот на НАТО е поздравено од европските лидери, при што белгискиот премиер рече дека доаѓањето на американскиот претседател во Брисел го нагласува обновувањето на трансатлантското партнерство.

И додека присуството на Џо Бајден е нашироко прифатено, Вашингтон пост пишува дека постојат длабоки поделби меѓу земјите-членки околу тоа до кој степен да се фокусираат на Кина, како и за грижата дека едностраниот потег на Бајден за повлекување на американските трупи од Авганистан е сличен на оние што ги донесуваше Трамп.