Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Речиси 40 лидери од целиот свет, учествуваат на дводневниот климатски самит што го организира американскиот претседател Џо Бајден. На онлајн-настанот што се одржува под покровителство на Белата куќа ќе се обратат францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон, како и коосновачот на Мајкрософт Бил Гејтс.

САД и нејзиниот претседател Џо Бајден ветија дека до 2030 година ќе ги намалат емисиите што придонесуваат за загревање на планетата за 50 отсто, во споредба со нивоата од 2005 година, пренесува „Гардијан“.

„Ова е одлучувачка деценија“, изјави претседателот Бајден на првиот ден од климатскиот самит.

Оваа нова цел на САД ќе биде доставена и до Обединетите Нации, и со неа, Бајден врши остар прекин со досегашната политика на претходниот претседател Доналд Трамп.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш денеска го пофали Бајден за неговиот притисок во насока на намалување на штетните гасови што ги испуштаат САД до 2030 година, пренесува Би-би-си.

Гутереш повика на прекинување на користењето на јагленот во светот, подобро финансирање и поддршка на земјите во развој, како и ставање на крај на „војната против природата“.

Бајден ја направи борбата против климатските промени врвен домашен и меѓународен приоритет во САД и самитот оваа недела е шанса да ги убеди своите колеги дека оваа земја се враќаат како лидер по ова прашање откако поранешниот претседател Доналд Трамп се повлече од Парискиот договор за намалување на глобални емисии.