Во пост на Фејсбук лажно се тврди дека на одреден веб сајт ги имало сите обвиненија за злосторство против човештвото, дека ковид пандемијата и заклучувањата биле дел од план за депопулација на црното племство и слични теории на заговор. Воедно, се постира видео со кое јавноста треба да биде уверена дека не станува збор за Џо Бајден, туку за негов двојник затоа што, наводно, носел маска… пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео на кое се наоѓа претседателот на САД Џо Бајден. Во постот се вели:
14.05 2023 Сите обвиненија за злодела против човештвото ги има онлајн на страницата PACER.GOV https://pacer.uscourts.gov/ (јавен пристап до електронски снимки). Многумина се заменети. Ковид заклучување 2020, шах мат на планот за депопулација на црното племство, Ватикан.
Во видео материјалот е претставен Џо Бајден и тоа од видео материјал на кој тој многупати досега лажно беше обвинуван дека носи маска. Додека тој зборува, во видеото, некој од заднина извикува ,,О, па тоа е маска!”. Тоа оди во комплетна корелација со наративот на Кју Анон, односно теоријата на заговор, дека повеќето политичари се контролирани и заменети со двојници, а нивните „оригинали“, убиени, бидејќи биле дел од длабоката држава. Во клипот од 13 секунди, Бајден си го чеша вратот и зборува за Северна Каролина.
Наспроти изнесеното во постот, ова видео не докажува дека Џо Бајден носи маска. Тоа не е вистина. На видеото едноставно се гледаат набори кои изгледаат посветли на снимката поради многу високиот контраст,
пишуваат проверувачите на факти на Кнак.
Бајден ја посети Ирска од 12 до 14 април. Во средата, на 12 април тој одговараше на прашања на децата од персоналот на американската амбасада на аеродромот во Даблин. Токму од оваа локација потекнува и видеото во постот кој го рецензираме.
На следното видео, околу петтата минута, може да се види фрагментот кога Бајден се чеша на вратот, но со оглед на тоа што се работи за видео без изразена контраст, не се добива впечатокот дека тој носи маска. Видеото од постот што го рецензираме е многу повеќе зумирано и има неприродни бои. Црвената боја на противпожарната станица и сината боја на костумот на Бајден се многу светли. Тоа е, всушност, висок контраст, благодарејќи на што се видливи наборите на кожата на Бајден, кои не се толку силно истакнати и забележливи на реалното видео.
Што се однесува, пак, до сајтот кој е споделен во постот, Pacer.gov, не станува збор за никаков сајт на кој се објавени злодела против човештвото и каде ,,многумина се заменети” (овде се алудира на политичарите меѓу кои и Бајден, кои, според бесмислениот наратив на Кју Анон, се заменети со двојници), туку станува збор за владина страница на која има јавен пристап до судски електронски документи.
Значи, станува збор за електронска база на судски документи од повеќе судови во САД, а во конкретниот пост не се споделуваат оние случаи за кои се смета дека се „за злодела против човештвото“, така што не е јасно ниту што би требало корисниците на Фејсбук да бараат во базата.
Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Клипот во кој американскиот претседател Џо Бајден го чеша вратот е снимен на аеродромот во Даблин, Ирска, на 12 април 2023 година. Поради високиот контраст во видеото, наборите на кожата на Бајден силно се истакнуваат. Тоа не значи дека Бајден носи маска.
Не е вистина дека политичарите се заменети со двојници. Такви невистинити тврдења веќе беа предмет на
нашите рецензии со оглед на тоа што се работи за наратив од кој поддржувачите на Кју Анон не се откажуваат со оглед на тоа што истиот е еден од столбовите на нивната недокажана и многупати побиена теорија.