Фото: Joe Biden: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America (source: Joe Biden); User:TDKR Chicago 101 (clipping)Donald Trump: Shealah Craighead (source: White House)Сombination: krassotkin, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Соединетите американски држави се сè поблиску до изборот на претседател. Во тек е броењето на гласовите, според кои досега Џо Бајден има освоено 253 електорски гласа, а Доналд Трамп 214. Демократскиот кандидат Бајден го победи Трамп во Висконсин и Мичиген, две клучни држави, а исто така го престигна по бројот на гласови и во Џорџија и е поблиску да го стори истото во Пенсилванија, каде сè уште се бројат гласовите, известуваат светските новински агенции.

Трамп кој претходно повика на стопирање на гласањето, вчера обвини за украдени избори и даде непоткрепени обвинувања за измама на гласачите.

„Ова е случај кога тие се обидуваат да украдат избори, тие се обидуваат да наместат избори“, рече Трамп од говорницата на салата за брифинзи во Белата куќа.

Официјална фотографија во Белата Куќа на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден | Фото: David Lienemann

Бајден пак, вчера се обиде да ги намали тензиите и да претстави потрадиционална слика за претседателското раководство. Откако учествуваше на брифинг за коронавирусот, тој изјави дека „секое гласачко ливче мора да се изброи“.

„Ги замолувам сите да останат смирени. Процесот е во тек“, рече Бајден.

Водството на Бајден го разлути актуелниот претседател Трамп кој изутринава на Твитер напиша:

„Лесно победувам на претседателските избори со легални гласови. На набљудувачите не им беше дозволено, на кој било начин или форма да ја вршат својата работа и затоа, гласовите прифатени во овој период мора да бидат утврдени како нелегални гласови. Врховниот суд на САД треба да одлучи!“ повика Трамп.

Агенциите јавуваат дека всушност, претставници на двете најголеми политички партии присуствуваат на чинот на броење на гласовите, а целата процедура цело време може да се гледа во живо на телевизија.

Една од можностите за гласање на изборите во САД, традиционално предвидува и гласање преку пошта. Голем број гласачи оваа година го одбраа токму овој начин на гласање како начин на заштита од изложување на корона вирусот. Поради тоа што во дел од државите законите не дозволуваат гласовите добиени преку пошта да се бројат пред затворањето на гласачките кутии, на овие држави им треба повеќе време да ги избројат сите гласачки ливчиња пристигнати на овој начин. Така, повеќе од 24 часа по затворањето на гласачките кутии, сè уште не се знае кој е победникот на изборите за претседатрел во САД.

За еден кандидат да победи, потребни му се најмалку 270 електорски гласа, а со победата во Висконсин и Мичиген Бајден има 253 со тоа што тој сега покрај водството во Аризона и Невада, сега води и во Џорџија, додека водството на Трамп во Северна Каролина и Пенсилванија се намалува.

Севкупно земено, Бајден до сега добил повеќе од 73 милион гласа, што, како што јавуваат светските агенции, е најмногу гласови за еден претседателски кандидат во историјата на САД.

Можно да се потребни уште неколку дена за да се заврши пребројувањето на гласовите и да се прогласи победник. Во секој случај се очекува по броењето на гласовите да следува и правна битка околу резултатите на изборите во САД.