Бајден го почна мандатот поништувајќи со извршни уредби дел од политиките на Трамп

Само неколку часа по положувањето заклетва вчера и влегувањето во Белата куќа, новиот претседател на САД, Џо Бајден, потпиша 15 извршни уредби, од кои голем дел се поништување на политиките на администрацијата на неговиот претходник Доналд Трамп.

Меѓу првите акти на 46-от претседател се извршната уредба за враќањето на САД во Парискиот климатски договор од 2015 година, од кој Трамп ги повлече САД минатата година, како и промена на политичкиот курс во поглед на имигрантите. Бајден ја суспендираше забраната за влез во САД за државјани на повеќе земји, претежно со муслиманско мнозинство. Забраната беше изгласана само неколку дена откако Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари 2017 година. Со една од уредбите се стопира изградбата на ѕидот на границата меѓу САД и Мексико, проект кој беше еден од клучните пунктови на политиката на Доналд Трамп.

Инаку, самата инуагурација, поради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, помина многу поразлично од претходно, со многу помало присуство на гости на церемонијата. На церемонијата пред Капитолот присуствуваа поранешните претседатели Џорџ Буш Помладиот, Бил Клинтон и Барак Обама, со сопругите, досегашниот потпретседател Мајк Пенс, како и други високи претставници на политичкиот, економскиот и јавниот живот на САД, но отстуствуваше Трамп. Со тоа тој ги исполни најавите дека нема да присуствува на положувањето заклетва на својот наследник, со што стана првиот претседател на САД по 1869 година што не присуствувал на инаугурацијата на новиот претседател.

Иако Трамп ја прекрши старата традиција за примопредавање на власта на својот наследник во Белата куќа, тој сепак остави проштално писмо за кое Бајден изјави дека било „многу дарежливо писмо“ но дека нема да ја открие содржината.

Обезбедувањето на настанот беше силно, поради очекување дека приврзаниците на Трамп може да предизвикаат нови инциденти, откако на 6 јануаури упаднаа во Конгресот. На настанот имаше и неколку музички точки, а националната химна ја исполни Лејди Гага.

Бајден на церемонијата порача дека Америка ќе ги обнови сојузништвата и ќе биде пример за сите. Главната порака на церемонијата на положување заклетва беше за обединување на земјата.

„Знам дека силите кои нè разделуваат се силни и се реални. Но исто така знам дека тие не се нови“, рече Бајден. „Историјата, вербата и разумот ни го покажуваат патот на обединувањето. Можеме да гледаме еден кон друг не како непријатели, туку како соседи. Да се однесуваме еден кон друг со достоинство и почит“, порача Бајден.

Тој додаде дека ова „е нашиот историски момент на криза и предизвик и единството е патот кон иднината. И мора да се соочиме со овој предизвик како Соединети Американски Држави. Ви гарантирам дека ако го направиме тоа, нема да потфрлиме“.

По положувањето заклетва, се одржа и телевизиски концерт, пред споменикот на Линколн, на кој настапија светски познати музичари.

Меѓу уредбите што ги потпиша Бајден се и тие за справување со корона вирусот, кој одзеде повеќе од 400.000 животи во САД. Отсега ќе биде задолжително носењето маска и одржувањето социјална дистанца на сиот федерален имот. Ќе се воспостави и нова канцеларија што ќе го координира справувањето со пандемијата, а САД ќе го сопре процесот на излегување од Светската трговска организација, којшто го почна Трамп.

Џон Кери, поранешен Државен секретар на САД и специјален пратеник на Бајден за климатските прашања на Твитер порача дека со повторното приклучување на Парискиот климатски договор претседателот на САД ги вратил кредибилитетот и посветеноста на САД.

Во меѓувреме покрај новиот претседтаел и потпретседател на САД и власта во Белата куќа, демократите за прв пат по 10 години ја презедоа и контролата врз Сенатот. Тројца нови американски сенатори положија заклетва со што Демократската партија обезбеди контрола над Горниот дом на Конгресот на САД. Покрај функциите претседател и потпретседател на државата, демократите ќе го контролираат Претставничкиот дом и Сенатот во следните две години, што ќе му овозможи на Бајден да спроведе амбициозен план за соочување со големи предизвици.