fbpx

Бајден го обвини Путин за геноцид во Украина, Русија трупа дополнителни сили за напад на истокот

-

Американскиот претседател Џо Бајден за прв пат изјави дека диктаторот Владимир Путин врши геноцид во Украина. Зборувајќи на настан во сојузната држава Ајова, Бајден пред присутните граѓани рече: „вашиот семеен буџет, вашата способност да го наполните резервоарот – ништо од тоа не треба да зависи од тоа дали диктаторот ќе објави војна и ќе изврши геноцид“, пренесува Би-би-си.

Откако подоцна разговараше со новинарите, претседателот Бајден остана на своите забелешки:

„Да, јас го нареков тоа геноцид. Станува сè појасно и појасно дека Путин само се обидува да ја избрише идејата дури и да се биде – да може да се биде Украинец. И доказите за тоа се зголемуваат. Различно е од минатата недела. Сè повеќе докази излегуваат од – буквално ужасните работи што Русите ги направија во Украина. А ние ќе дознаваме сè повеќе и повеќе за уништувањето. И ќе им дозволиме на адвокатите да одлучат меѓународно дали ова така ќе се квалификува или не, но така ми изгледа на мене“, изјави американскиот претседател Бајден.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана тврди дека во реонот на Металуршкиот комбинат „Илич“ во Мариупол се предале 1.026 украински војници, вклучувајќи и 162 офицери, пренесува Гардијан. Украинските власти засега не излегоа со коментар за предавањето на нивни војници, додека во утринскиот извештај соопштија дека борби и понатаму се водат околу пристаништето во Мариупол и фабриката Азовстал.

Русија соопшти дека 151 повреден војник добил медицински третман во болницата во Мариупол, но засега руските извори не даваат информации што планираат да прават со украинските војници за кои тврдат дека се предале. Наспроти руското тврдење, портпаролот на украинското Министерство за одбрана изјави дека тие немаат информации за било какво предавање на украински војници во Мариупол.

Борбите во Мариупол продолжуваат, а експерти за Би-би-си тврдат дека борбите можат да потраат во Азовстал, бидејќи станува збор за индустриски комбинат што се протега на огромна површина.

Укринформ јавува дека руските сили гранатирале село во регионот Запорожје со фосфорна муниција. Изминатава ноќ руските сили извршиле гранатирање на инфраструктурни објекти во Чуднив во регионот Житомир, Мирхород во регионот Полтава и Харков. Украина јавува за четворица загинати и неколку повредени цивили во изминативе 24 часа.

Воедно, руската војска продолжила да ги гранатира градовите Лисичанск, Севернодоњецк, Кремина, Новодружеск, Авдивка, Маринка и Вухледар во Донецкиот и Луганскиот регион. Најмалку двајца загинати цивили и 24 повредени во овие два региона се регистрирани во изминатово деноноќие.

Украинските власти тврдат дека од почетокот на руската агресија врз Украина до денес загинале 19.800 руски војници. Воедно, тие тврдат дека Русија продолжува да доведува нови трупи на украинско-руската граница во рускиот регион Белгород.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...