fbpx

Бахмут пред опколување, Русија го крена во воздух последниот мост за снабдување на градот

Русија повеќе од шест месеци не успеваше да го освои овој мал град, но опколувањето значи дека украинските команданти ќе мора да донесат одлука дали украинските сили ќе останат во градот или ќе ги извлечат своите трупи

-

Руските сили изминатата ноќ го кренале во воздух клучниот мост што го поврзувал Бахмут со соседното село Хромове. Преку мостот, Бахмут, кој се наоѓа во Донецкиот регион, се снабдувал со храна, муниција и служел за извлекување на жителите на градот на безбедно, соопшти украинската полиција, пренесува Си-ен-ен. Украинските воени сили имаат пристап до Бахмут преку земјени патишта.

Си-ен-ен информира дека Украина им наредила на извидувачката единица со дронови лоцирана во Бахмут веднаш да го напушти градот, изјави утрово нејзиниот командант во видео објавено на Телеграм.

„Ја следиме наредбата“, изјави командантот Роберт Бровди, додавајќи дека не знае зошто единицата се преместува од Бахмут.

Руските медиуми ја пренесуваа изјавата на шефот на платеничката војска „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој утрово преку видео порака објави дека Бахмут е практично целосно опколен од руските сили. Тој ги повика украинските власти да ги извлечат нивните војници од Бахмут, бидејќи имаат пристап до само еден пат што води надвор од градот, пренесува Гардијан.

Бахмут пред почетокот на војната имаше 70.000 жители, додека денеска во градот се останати околу 5.000 цивили. Русија повеќе од шест месеци не успеваше да го освои овој мал град, но неговото опколување значи дека украинските команданти ќе мора да донесат одлука дали украинските сили ќе останат во градот за да водат улични борби или ќе ги извлечат своите трупи.

Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина изјави дека во борбите за Бахмут руските сили имаат за седум пати поголеми загуби во војници од украинската војска, пренесува Укринформ.

Украинските власти информираат дека од руските воени дејствија во изминатово деноноќие во Донецкиот регион загинале двајца цивили, додека пет лица се повредени, пишува Укринформ. Во Харкивскиот регион, жена била убиена при руски ракетен напад на градот Купјанск.

Исто така, крвавиот епилог од рускиот ракетен напад на градот Запорижја се искачи на пет загинати, осум повредени, додека 10 луѓе се водат како исчезнати и се стравува дека се наоѓаат под урнатините на станбената зграда што беше погодена од руска ракета.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...