Претседателите на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, одржаа работна средба, на која разговараа за перспективите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, но и за зајакнување на меѓукоморската соработка, која е на исклучително високо ниво во изминатите години.

„Азески и Рукичи разговараа за тековните проектни активности во рамките на Коморскиот инвестициски форум во насока на обезбедување предуслови за забрзан економски раст за државите од регионот на Западен Балкан, преку нивна зајакната соработка. Потребно е сите земји од Западен Балкан да се стремат кон креирање позитивна бизнис клима, преку континуирана работа на заеднички проекти за подобрување на инфраструктурната поврзаност, индустријализацијата и зголемување и поттикнување на извозните капацитети и активности, дигитализацијата и дуалното образование“, информираат од Стопанска комора.

На средбата било истакнато дека патот од косовската страна е во финална фаза и се очекува истиот да биде завршен до јуни 2019 година, што треба да претставува поттик за посериозен пристап и започнување на градежните работи и од македонска страна порано од планираното.

Од македонска страна, патниот правец е со вкупна должина од 13 километри, чија проценета вредност изнесува 63 милиони евра и претставува дел од главната рута од Скопје до Приштина. Според планираното, изградбата на автопатот Скопје – Блаце треба да започне во втората половина на 2019 година и да заврши до крајот на 2022 година.

Вкупната трговска размена со Косово за 2018 година изнесува 300,6 милиони долари и во однос на 2017 година бележи раст од 14,4 проценти.