Авторите на Дилан Дог ќе гостуваат на „Comics Day / Ден на италијанскиот стрип“

Фото: Амбасада на Италија

Во рамки на десетото издание на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“ и во соработка со италијанската амбасада во Скопје ќе се одржи  „Comics Day / Ден на италијанскиот стрип“.

Оваа нова иницијатива посветена на стрипот, со особено внимание на најпопуларните ликови креирани во Италија и нивното значење во Северна Македонија, како што најавија организаторите ќе се одржи на 6 октомври.

Во иницијативата ќе бидат вклучени двајца познати уметници: дизајнерот Серџо Џерази и сценаристот Алесандро Билота, автори на Дилан Дог, познатата серија стрипови на Серџо Бонели Едиторе.

Покрај средбата со двајцата уметници и други македонски карикатуристи, ќе бидат изложени и цртежи направени од Билота и Џерази и ќе бидат објавени победниците на конкурсот за постер посветен на ликовите на италијанскиот стрип. Иницијативата ќе биде дел и од 22-то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот што ќе се одржи од 17 до 27 октомври, а оваа година ќе биде посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите.

Средбата со гостите од Италија ќе се одржи во Младинскиот културен центар почнувајќи од 16 часот.