Македонската влада планира кон средината на следната година да ја започне изградбата на автопатот Кичево – Гостивар на Коридорот 8. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека во моментов се комплетира проектната документација за првата делница – од Кичево до селото Букојчани, со должина од 12,7 километри.

– Тендерот за избор на изведувач очекуваме да биде распишан кон крајот на 2019 година и изградбата да започне кон средината на 2020 година – велат за Мета.мк од ЈП за државни патишта.

Првата делница од идниот автопат Кичево – Гостивар ќе се надоврзе на постојниот автопат во изградба Кичево – Охрид. Кога ќе се реализира тој дел од проектот, би профункционирала и автопатската обиколница околу Кичево, и над 10 километри од целокупната траса на автопатот Кичево – Гостивар ќе може да се користи за возење веднаш по неговата изградба.

За првата фаза од изградбата на автопатот Кичево – Гостивар веќе се обезбедени неповратни средства од Инвестициската рамка за Западниот Балкан на ЕУ во висина од околу 20 милиони евра, државата од сопствени средства ќе инвестира 6 милиони евра, додека останатите средства во износ од 79,2 милиони евра ќе бидат обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Вкупната вредност на оваа делница ќе изнесува 105 милиони евра, според проценките изнесени во документите на Инвестициската рамка за Западниот Балкан.

Автопатот Кичево – Гостивар ќе биде долг 42 километри, а ќе се гради во три фази. За втората и третата делница од Букојчани до Горна Ѓоновица, односно од Горна Ѓоновица до Гостивар, се обезбедени неповратни средства од 2 милиони евра за изработка на проектната документација.

Со овие средства ќе се изработи основниот проект за делницата од Букојчани до Горна Ѓоновица, како и идеен проект за трасата од Горна Ѓоновица до Гостивар.

– Во моментот се усогласува проектната задача за проектирање со ЕБОР и ИФИКО. Се очекува проектирањето да започне кон крајот на 2019 година – информираат од ЈП за државни патишта.

Идната изградба на трасата меѓу Гостивар и Кичево ќе значи многу за развојот на туризмот во Охридскиот регион, земајќи го предвид фактот дека Скопје и Охрид би биле целосно поврзани со автопат. Воедно, најголем дел од автопатската траса на Коридорот 8 кон Албанија би била завршена, а како недовршена ќе остане единствено трасата од охридското село Требеништа, преку Струга, до граничниот премин Ќафасан.