Скриншот од снимка на ТВ ВИС Струмица

Пожар во делот кај моторот е причината поради која се запалил автобусот „даф“ со штипски регистарски ознаки, кој вчера возеше по автопатот Скопје-Штип, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Како што појаснуваат оттаму, во автобусот управуван од Б.Г.(56) од Штип, а во кој немало патници, настанал пожар во делот кај моторот. Пожарот е изгаснат од противпожарната единица Свети Николе, а увид на местото на настанот извршила увидна екипа на полициска станица Свети Николе.

Пред само неколку дена, Министерството за внатрешни работи информираше дека во акциски контроли на територијата на СВР Тетово, Велес и Штип за само пет часа биле откриени 52 различни прекршоци кај возилата што вршеле јавен превоз на патници. Кај автобусите, минибусите и такси возилата беа откриени неисправни кочници, волан, светлосни уреди, опрема и други делови на превозните средства, а беа пронајдени и возила со неизвршен вонреден технички преглед.

„Мета.мк“ во изминативе една и пол година постојано ја следи темата за возниот парк со кој се врши автобускиот превоз на патници во земјава. Податоците на Царинската управа на РСМ секоја година покажуваат дека бројот на увезени половни возила од странство неколкукратно е поголем од набавката на новопроизведени автобуси со кои се врши превоз на патници.