Јавното сообраќајно претпријатие Скопје денеска информираше дека поради прекинот на испораката на природен гас кон Македонија, може да се поремети возниот ред на автобусите.
Според соопштението од ЈСП, државната компанија задолжена за испорака на гас, НОМАГАС ги информирала дека ќе има прекин на испораката до 17 октомври, што може да биде причина и за недостаток на гориво за скопските автобуси кои сообраќаат на гас.
Претходно, на 10 октомври Од НОМАГАС информираат дека поради планирани ремонтни работи на регионалните гасоводни системи во соседството, испораката на гас за Македонија ќе биде стопирана во периодот од 13 до 17 октомври.
„За ваквиот прекин НОМАГАС АД Скопје навремено ги достави потребните известувањa до сите засегнати страни. Доколку бидеме информирани за евентуални промени околу времетраењето на прекинот, јавноста ќе биде навремено известена преку ново известување. Напоменуваме да се има во предвид дека за ваквата состојба придонесува тоа што нашата држава има само еден влез за природен гас преку единствениот интерконектор кај Деве Баир“, велат од НОМАГАС.
Од таму информираат дека за да се надмине ваквото ограничување, се работи на реализација на интерконекторот со Грција, чија изградба започна во јуни.
