Министерката за внатрешни работи на Австрија, Јоана Микл-Лајтнер, очекува домино-ефект во Европа по официјалната одлука на Виена да воведе ограничување за бројот на бегалци што можат да добијат азил во земјата, јавува весникот „Остерајх“.

– Упативме јасен сигнал против неограниченото добредојде. Австрија и понатаму ќе ги извршува своите хуманитарни должности, но во иднина ќе се ориентира според постојните капацитети – рече Микл-Лајтнер во интервју за виенскиот весник.

Австрија вчера донесе одлука да го ограничи прифаќањето на бегалците во следните четири години на вкупно 127.500, што претставува 1,5 отсто од популацијата на земјата.

Според договорот за ограничување, Австрија годинава ќе прифати 37.500, следната 35.000, во 2018 година 30.000, а до 30 јуни 2019 година само уште 25.000 бегалци.

Прашана што ќе се случи кога годинава ќе се достигне лимитот од 37.500 лица, Микл-Лјтнер рече дека сите мерки, како што се граничните контроли или временски ограничениот азил, се насочени кон тоа тој лимит да не се достигне.

– Тргнувам од тоа дека ќе следува домино-ефект и оти и другите земји, исто така, ќе преземат мерки и оти на тој начин ќе биде намален бранот на бегалци – рече Микл-Лајтнер, додавајќи дека во моментов се разгледува и можноста за враќање на азилантите кога лимитот ќе биде достигнат.