Момент од протестот на Платформата за родова еднаквост за случајот „Јавна соба“ одржан на 8 Март во Скопје | Фото: Ванчо Џамбаски

Пред само неколку дена турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган потпиша одлука со која Турција се повлекува од Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство позната како Истанбулската конвенција. Образложението на властите е дека правата на жените се секако заштитени.

Правата на жените се загарантирани со нашите закони, особено со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да спроведе нови законски мерки кога е потребно, рече министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут.

С. Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата, а во декември 2017 година, по подолг период и силен притисок од страна на граѓанските организации, Собранието истата ја ратификуваше, по што Конвенцијата стапи на сила во јуни 2018 година. Со ратификувањето на Конвенцијата, државата се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилството

Ана Аврамоска Нушкова / Фото: Лична Архива

Ана Аврамоска Нушкова, правна советничка од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во С. Македонија вели дека генералниот заклучок од две годишниот мониторинг за спроведување на активностите од НАП-от(2018-2023) за имплементација на Истанбулската Конвенција е дека усогласувањето со стандардите на Конвенцијата во РСМ не е приоритетно прашање, особено не во услови на криза.

Кај нас ситуацијата со имплементација на Истанбулската конвенција оди бавно, особено последнава година кога многу институции се повикуваат и виновникот го вперуваат во корона кризата, вели Аврамоска Нушкова .

Но, таа додава дека без оглед на тоа, државата треба да се стреми и да тежнее кон исполнување на условите што ги наметнува Конвенцијата.

„Меѓу другото, сметам дека новиот закон за заштита и спречување од насилство врз жените и семејно насилство што се донесе во јануари 2021, а е во согласност со Истанбулската конвенција е далеку подобар од претходниот, но резултатите од истиот верувам дека ќе ги видиме за некоја година“, заклучува правничката

Според неа, се забележува и слаба имплементација на активностите кои имаат за цел превенција од насилство врз жени и семејно насилство, односно недостасуваат спроведени кампањи за подигнување на јавната свест, обуки за професионалци кои постапуваат и даваат услуги при обезбедување на заштита, помош и поддршка за жртвите на родово базирано насилство и нивните деца.

Повлекувањето на Турција го вклучи црвениот аларм во борбата за заштита на жените од насилство

Последната вест за повлекувањето на Турција од Конвенцијата предизвика многубројни реакции од европски држави меѓу кои Германија, Франција и Грција. Советот на Европа овој чекор го оцени како „поразителна вест“, а реакција стигна и од американскиот претседател Џо Бајден. Критичарите и експертите од ова поле посочуваат дека со ова Турција отстапува од документот кој е клучен во борбата против растечкото семејно насилство во земјата, како и дека ова значи дополнително оддалечување на Турција од ЕУ и европските вредности.

Аврамоска Нушкова смета дека повлекувањето на Турција која беше прва земја потписник на истата е сигнал дека Државата нема капацитет и волја да ги заштити жените жртви на насилство и семејно насилство и да ја даде потребната превенција за истото.

Ова е еден вид на уназадување и Турција сериозно треба да размисли за овој чекор. Имајќи го предвид бројот на жени убиени во Турција, зачудувачки е фактот што Турција се повлекува од Истанбулската конвенција. Како во повеќето земји, така и во Турција, жртвите на семејно насилство најчесто се жени, a најчесто како насилници се јавуваат близок партнер (брачен или вонбрачен) и/или роднините (татко, брат, братучед), вели Аврамоска Нушкова.

Таа додава дека ваквите одлуки може да се донесат под влијание на политиката во една земја, како и религиските и верските заедници и групи и нивното влијание во општествениот живот.

„Сепак треба да имаме предвид дека Истанбулската конвенција е основа, еден вид азбука според која треба сите држави да се водат и дека мажите и жените имаат еднакви права и Државата која ја ратификувала се обврзуваа дека ќе превземе мерки за спречување на насилството над жените, ќе ги заштитат жртвите, а сторителите ќе бидат изведени пред суд. Тоа не подразбира само отворање нови услуги како шелтер центри, советувалишта, засолништа и нови СОС линии, туку и мерки за превенција да не дојде до насилството врз жените и семејното насилство“, појаснува правната советничка.

Истанбулската конвенција е усвоена од страна на Комитетот на министри на Совет на Европа во април 2011 година, а се отвори за потписи истата година во мај. Конвенцијата се смета за „златен стандард“ во меѓународните напори за заштита на жените oд насилство и претставува регионален правен инструмент за сеопфатна заштита на правата на жените.