Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, вчера порача дека со укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на Агенцијата од страна на bуџетот ќе се наруши независноста на оваа институција.
Денеска неколку невладини организации ќе презентираат извештај токму за АВМУ.

– Укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето од буџетот значи целосно уривање на независноста на институцијата и ставање под капата на Владата. Ако постоела таква практика, ќе била применета и во другите европски земји. Ова е популистички чин со кој сакаат да се исполнат предизборни ветувања, за жал, и на опозицијата и на позицијата, не водејќи притоа сметка дека се уништува функционирањето на Агенцијата, која претходните 20 години, поради финансиската независност, можеше да ја врши улогата во општеството – порача вчера Трајчевски.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со подготовката на нов закон за медиуми, Трајчевски рече дека неговиот личен став е оти се работи за текст на закон кој е спротивен на европските директиви. Рече дека агенцијата не е вклучена во новиот закон.

Денеска ќе биде презентиран третиот извештај за работата на АВМУ, кој го подготвуваат  „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

– Во изработката на законот, ние не сме вклучени и сметам дека се работи за работна верзија која се изработува. Логично е да има јавна расправа и да бидат вклучени сите субјекти кои се засегнати од законот – рече Трајчевски во изјава за медиумите.