Фото: Арбнора Мемети

Негативните бројки на превезени патници од македонските аеродроми продолжуваат да доминираат и на почетокот од 2021 година. Во јануари, двата аеродрома имале вкупно 57.716 патници, од кои 54.141 патник го користеле Меѓународниот аеродром Скопје и 3.575 патници патувале преку аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Доколку се споредат со бројките од минатата година, во јануари 2021 година е забележан за три пати помал број на патници. Во јануари 2020 година низ портите на двата аеродрома минале 183.825 патници. Ваквиот негативен тренд на опаѓање на бројот на патници во воздухопловниот превоз се очекува да се задржи и во текот на февруари и март. Ако се земе во предвид фактот дека од април до јуни лани, двата аеродрома во земјава беа затворени, тогаш за очекување е годинава да имаме поголем број на патници во периодот април-јуни 2021 година.

Во однос на тоа колкав би бил растот на авиосообраќајот во пролетните месеци, ова најмногу ќе зависи од одлуките на авиокомпаниите за бројот на линии што ќе ги воспостават кон македонските аеродроми. „Катар ервејз“ веќе најави дека ќе го одложи повторното воспоставување на летовите меѓу Скопје и Доха за 2022 година, а на неговата веб-страница за годинава можат да се набават авиобилети меѓу двата града единствено со преседнување на некој од поголемите аеродроми во регионов.

И „ФлајДубаи“ го откажа повторното воспоставување на авиолинијата меѓу Скопје и Дубаи, која требаше да профункционира од 28 март годинава. Наместо во март, на веб-страницата на оваа авиокомпанија можат да се набават авиобилети за оваа дестинација најрано за 1 ноември 2021 година.

Наспроти негативните вести, годинава има и по некоја позитивна вест за авиосообраќајот во земјава. „Ејџиан ерлајнс“ веќе следниот месец ја враќа во функција авиолинијата меѓу Скопје и Атина, која планира да ја одржува два пати неделно во наредните месеци. Иако беше најавено дека ќе прекине да лета, украинската авиокомпанија „Виндроуз ерлајнс“ сепак од 21 март повторно се враќа со летовите од Скопје за Киев, кои ќе се одржуваат еднаш неделно до крајот летниот ред на летање во октомври.

Најголемо влијание врз бројките во авиосообраќајот и годинава ќе има состојбата со ковид пандемијата и успешноста со нејзиното справување во земјава. Доколку имунизацијата на населението успешно се спроведува со вакцините против ковид-19 и ако се постигне Македонија да има мал број на активни случаи на ковид-19, тогаш можно е рестрикциите за патување кон странство да бидат олабавени и авиокомпаниите да можат да ги воведат дел од летовите кон оние дестинации што беа укинати на почетокот од избувнувањето на ковид-19 пандемијата во земјава.