Авионскиот режим станува минато, ЕУ ќе дозволи повици за време на летовите

фото: John McArthur на Unsplash

Патниците кои летаат со авиокомпаниите во Европската унија (ЕУ) наскоро ќе можат целосно да ги користат своите телефони додека се на небото, откако Европската комисија (ЕК) воведе правило со кое авиокомпаниите можат да обезбедат 5Г технологија во авионите.

Би-би-си пишува дека луѓето што летаат со авион сега ќе можат да ги користат сите функции на телефонот во текот на летот, при што ќе бидат овозможени повици, поспор мобилен интернет и користење на апликации со големи податоци што пренесуваат музика и видео.

Ова значи дека од патниците повеќе нема да се бара да го вклучат авионскиот режим на своите уреди, иако спецификите за тоа како ќе се имплементираат новите правила уште се нејасни.

Крајниот рок за земјите-членки да воведат 5Г технологија за авионите е 30 јуни 2023 година. Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека планот на Европската комисија ќе овозможи иновативни услуги за луѓето и ќе им помогне на европските компании да растат.

„Небото повеќе не е граница кога станува збор за можностите што ги нуди супербрзата поврзаност со голем капацитет“, изјави Бретон, пренесува Би-би-си.

Европската комисија и претходно дозволуваше одредени услуги за пристап до интернет за време на лет, но ваквите услуги напредуваа бавно, бидејќи се потпираа на опрема за поврзување преку сателит помеѓу авионот и земјата.