Авионот со кој патувала претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен останал без ГПС навигација при слетување во Бугарија.

Фајненшл тајмс“ објави дека Русија најверојатно го блокирала ГПС системот во авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, патувала од Варшава до Пловдив. Според извештаите, ГПС навигациските услуги на бугарскиот аеродром биле оневозможени, што го принудило пилотот да слета користејќи хартиени мапи.

Тројца службеници запознаени со случајот изјавиле дека инцидентот се третира како руски напад. Еден од нив изјавил дека „целосниот GPS систем во областа на аеродромот исчезнал“.

Пилотот кружел околу аеродромот околу еден час пред да слета мануелно со помош на хартиени мапи.

„Можеме да потврдиме дека имало блокирање на ГПС сигналот, но авионот безбедно слета,“ изјави Аријана Подеста, заменичката на портпаролот на ЕК.

Владите на земјите-членки на ЕУ предупредуваат дека зголемениот број инциденти со попречување на ГПС, за кои е обвинета Русија, може да доведе до сериозна авионска несреќа, практично „заслепувајќи“ ги комерцијалните авиони во летот.

Според „Фајненшл тајмс“, вакви инциденти со блокирање на ГПС се пријавуваат сè повеќе во земјите околу Балтичкото Море и во Источна Европа во близина на Русија, влијаејќи на навигацијата на авионите, бродовите и на цивилите кои секојдневно ја користат оваа услуга.