Фото: Bing Hui Yau на Unsplash

Европските лидери, покрај вчерашната одлука за нови санкции за Белорусија, ја повикаа авиоиндустријата да го избегнува воздушниот простор за авионите над таа земја и истовремено ги забранија летовите на белоруските авиокомпании над воздушниот простор на ЕУ. Потегот на ЕУ е одговор на присилното слетување на летот на „Рајанер“, од Атина до Вилнус, во Минск на 23 мај и притворањето на независниот белоруски новинар и активист Раман Пратасевич.

Повеќе авиокомпании најавија дека ќе ги прекинат летовите над белорускиот воздушен простор, а тоа веќе го сторија „Ер Франс“, „Финер“, „Сингапур ерлајнс“ и КЛМ, кои од денеска нема да летаат над Белорусија. И украинската влада, исто така, соопшти дека авиокомпаниите во земјата веќе не смеат да транзитираат на белоруски воздушен простор и дека летовите од и до Белорусија ќе бидат забранети од 26 мај.

Скандинавската авиокомпанија САС, германската „Луфтханза“ и регионалната авиокомпанија со седиште во Латвија, „ЕрБалтик“, вчера објавија слични најави, а Велика Британија издаде упатства, британските авиони да го избегнуваат небото над Белорусија. Од „Ер Франс“ соопштија дека ќе ги модифицираат плановите за летање, додека „Сингапур ерлајнс“ исто така, ги пренасочува летовите кон Европа, за да се избегне белорускиот воздушен простор. Од финската компанија „Финер“ соопштија дека одлуката за пренасочување на авионите влијае на три лета неделно.