Авганистан ги отвори универзитетите, жените ќе смеат да одат на факултет

Фото: Твитер профил на Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан

Во средата на 2-ри февруари, за прв пат по преземањето на власта во Авганистан од страна на Талибанците и по шестмесечниот период на запирање на целиот едукативен систем во земјата, се отворија вратите на универзитетите и за машките и за женските студенти.

Талибанските власти сеуште немаат официјална одлука за тоа на кој начин ќе се одвива наставата, но според она што досега се знае, на сите студентки им се дозволува продолжувањето на наставата.

Посетувањето на факултетите за женското население е ограничено со задолжително почитување на неколку услови и правила: женските учат во различни простoрии и различни смени од машките, не смеат да се движат во и околу универзитетот и кампусот додека не си заминат сите машки и постојано мора да носат целосно покривачки црни фустани и хиџаб.

„Овие промени се сосем прифатливи за нас и ние немаме никаков проблем со нивната примена“, вели Биби Хава, студентка на универзитет во источниот дел на земјата, пренесува Гласот на Америка.

Некои универзитети во потоплите делови од земјата започнаа со настава деновиве, додека за другите е најавено дека ќе се отворат кон крајот на февруари или почетокот на март. Исто така, некои приватни универзитети се отворени, но во многу случаи студентките немаа можност да се вратат на училиште, а во многу од провинциските делови, ученичките немаа можност да продолжат со средното образование.

Поделбата и „привилегиите“ што се одземаат врз база на родова нееднаквост во Авганистан започнаа на 15-ти август, со доаѓањето на Талибанците на територијата на земјата, правејќи ја единствената во светот каде јавно се ограничува едукацијата според родот.

Талибанците уште на почетокот јавно ги искажаа своите ставови за новите стриктни правила за ограничување на дотогаш нормалниот тек на животот, особено кон жените.

На девојчињата им беше забрането да продолжат со средното образование, за разлика од момчињата кои можеа да се вратат во училишните клупи уште во септември. Како дел од правилата беше и забранувањето на правото на работа кај жените во многу случаи, а исто така сите беа принудени да носат хиџаб.

Овие мерки Талибанците ги презедоа и претходно додека беа на власт во Авганистан, во периодот од 1996 до 2001 година. Тогаш жените требаше да бидат целосно покриени со бурка и воопшто немаше можност за посетување на настава, завршување на факултет или работење позиција од јавниот сектор. Овој пат, тие се со став дека немаат ништо против едуцирањето на жените, иако истото им е дозволено со многу ограничувања во однос на машките.

„Ми беше кажано дека на кампусот моето присуство е дозволено само четири часа, затоа што подоцна доаѓаат момчињата. И покрај тоа, и покрај сите промени и услови, јас сеуште сакам да продолжам, затоа што моето образование не треба да остане недовршено“, вели студентка на медицински факултет, јавува Ројтерс.

Веста за повторното отварање на универзитетите ја објави и претседателката на мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, Дебора Лајонс.

„Ајде сите да го поддржиме враќањето на младите машки и женски студенти во универзитетите во Авганистан. Поддржувачите може да разгледуваат ранг на програми со стипендии и поддршка за женските и машки професори“, напиша таа.